Работничките протести скромни, барањата гласни

0
17

Меѓународниот ден на трудот, 1-Ви Мај, вторпат се одбележува во услови на пандемија, по поради тоа изостанаа традиционалните првомајски протести. Но синдикатие и групите кои се занимаваат со заштита на работничките права упатија апели да се почитуваат правата на работниците, нотирајќи дека корона-кризата ги извади на површина проблемите со кои се соочуваат работниците.

Неисплатени или намалени плати, притисок врз работниците да потпишуваат спогодби за престанок на работниот однос, злоупотреба на државната помош за исплата на плати и непочитување на Законот за безбедност и здравје при работа, се дел од прекршувањата на работничките права кои беа нотирани денеска на одележувањето на Меѓународниот ден на трудот.

Членови на Сојузот на синдикати на Македонија се собраа денеска пред зградата на ССМ во центарот на Скопје облечени во црвени маички за да го обележат 1 Мај.

„Денеска се обоивме во црвена боја по повод најголемиот празник на работниците во името на солидарноста, како црвена линија, како црвен картон, како стоп за кршење на работничките права“, соопштија од ССМ.

Од Сојузот на синдикати велат дека празникот го одбележуваат загрижени за своето и здравјето на своите семејствата и во услови кога голем дел од членовите имаат намалени плати, добиле откази од работа и се загрижени за својата егзистенција.

„Бараме донесување на нов Закон за работни односи со европски стандарди кој ќе содржи договорите за вработување на определено време да се најмногу до една година, а истите автоматски да се трансформираат во договори на вработување на неопределено време по изминување на таа една година. Второ, породилно отсуство од 12 месеци. Трето, ковид -19 да биде професионално заболување платено со стопостотен надоместок по примерот на Синдикатот за здравство и Македонскиот полициски синдикат кои се здружени во ССМ“, рече претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија, Дарко Димовски.

Од почетокот на здравствената криза, правната служба на ССМ по пат на совети, изготвени правни мислења, толкувања, приговори, тужби и директно постапување пред надлежните органи, обезбеди заштита на работничките права во компании кои вработуваат над 80.000 вработени, наведува ССМ.

Над 40 проценти од обраќањата на работниците кои минатата година побарале правна помош од ССМ се за неосновано намалени и неисплатени плати, додатоци на плата и регрес за годишен одмор, а исто толкав е и процентот на обраќања за отказ од работа.

КСС јавно ги искажа барањата пред Влада

Со паролите „Да живее 1 мај“ и „Правда за работничките права“, раководството на Конфедерација на слободни синдикати на Македонија (КСС) денеска пред Владата јавно ги искажа своите барања и незадоволства во однос на работничките права. И од КСС изразија огромна загриженост за лошата економска и социјална положба на работниците, особено во време на пандемија.

Претседателот на КСС Благоја Ралповски, вели дека кризата уште еднаш ја покажа вредноста на работниците за нормално функционирање на општеството, особено во време на пандемија.

„Првото барање е итно да се утврди репрезентативноста на најголемата синдикална организација на национално ниво во јавниот сектор, а тоа е КСС. Второ, усогласување на платите по вертикала во согласност со покачувањата на минималната плата“, рече Ралповски.

Третото барање на КСС е исплата на К-15 за сите работници и во приватниот и во јавниот сектор. Четврто барање е итно формирање на солидарен фонд со кој ќе се обесштетат сите работници кои го изгубија своето работно место по кој било основ за време на пандемија. Петтото барање на КСС е безусловно почитување на Уставот, законите и колективните договори. Шесто, да престане политичкиот притисок врз институциите кои ги спроведуваат или контролираат законите од областа на трудовото право. Седмото и последно барање е исплата сто отсто плата за оние кои се заразени со ковид-19 на работно место или се во самоизолација и признавање за професионално заболување на ковид-19 за сите работници во Македонија.