Реакција на МЗ: ВМРО-ДПМНЕ измислува скандал, нема незаконски дејствија во набавката на вакцините

0
26

ВМРО-ДПМНЕ во март пласираше фалсификуван документ, тврдејќи дека Министерството за здравство (МЗ) на 21 јануари платило 12,5 милиони евра за набавка на вакцини, а денеска со документ испринтан од сајтот „Отворени финансии“ тврди дека МЗ во февруари платило 7,8 милиони евра за вакцини. Многу непрецизно за еден прецизен математичар, како што милува да каже за себе претседателот на ВМРО ДПМНЕ, пишува во реакцијата на Министерството за здравство

Министерството за здравство (МЗ) вели дека набавката на вакцините од „Синофарм“ е законска и дека тврдењата на опозициската партија изнесени на денешниот брифинг се манипулации. Велат дека исплатите кои ги прави Министерство за здравство се транспарентни и се објавени на страницата „Отворени финансии“, но потенцираат дека клучен сегмент од договорите за набавка на вакцините против ковид-19 е тоа што секоја држава, па и нашата, се обврзува на доверливост на склучените договори и примените информации.

ВМРО-ДПМНЕ денеска објави документ, според кој, Министерството за здравство на 15 февруари 2021 година ѝ платило 7 800 000 американски долари на посредничката фирма „Стабри интернешнл“ од Хонгконг за набавка на вакцини против ковид-19 од Кина. Според сознанијата на ВМРО-ДПМНЕ, откако Министерствот за здравство објави дека авансот за вакцините е повлечен, следувал новиот договор за набавка, исто така, на 200 000 илјади вакцини на „Синофарм“, преку кој се платени околу 3 000 000 американски долари (15 долари за една доза). Сега од опозициската партија прашуваат дали разликата, всушност, е провизија што требало да заврши во нечии џебови. За двете уплати – онаа од 7,8 милиони долари и новата од околу 3 милиони долари има запис на порталот „Отворени финансии“, кој ги бележи сите плаќања од буџетот.

„Документот е достапен податок на секој граѓанин кој би ја отворил страницата на open.finance.gov.mk. Министерството за здравство уште од самиот почеток за време на водење на преговорите, набавката и текот на испорака на вакцините, транспаренто ги информира граѓаните за целиот процес. За законитоста на целиот процес говори самиот факт што договорите, како и плаќањата на сите набавени вакцини, поминуваат на затворена седница на Влада. Ова доволно кажува колку процесот за купување вакцини е законски, без никакви недоследности или, пак, провизии кои ги измислува ВМРО-ДПМНЕ. Колку за потсетување на јавноста, ВМРО-ДПМНЕ во март пласираше фалсификуван документ, тврдејќи дека Министерството за здравство на 21 јануари платило 12,5 милиони евра за набавка на вакцини, а денеска со документ испринтан од сајтот ’Отворени финансии’, каде се сите исплати на МЗ, тврди дека Министерството во февруари платило 7,8 милиони евра за вакцини. Многу непрецизно за еден прецизен математичар, како што милува да каже за себе претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски“,

се вели во реакцијата на Министерството за здравство.

Тие потенцираат дека неколкупати досега кажале оти клучен сегмент од договорите за набавка на вакцините против ковид-19 е тоа што секоја држава, па и нашата, се обврзува на доверливост на склучените договори и примените информации.

„Сумите за набавка на вакцините против ковид-19 се деловна тајна на производителите и нашата земја се обврзува да го почитува тоа, бидејќи во спротивно нема да бидеме во можност да купиме вакцини“,

велат од Министерството и додаваат дека тврдењата на опозицијата се со цел да фрлат дамка на транспарентниот процес на набавка на вакцините, но и на процесот на имунизација.

Реагираа и од СДСМ со тврдење дека ВМРО ДПМНЕ пласира лажни вести со рециклирање на стари непостоечки скандали.

„Очигледно е дека во белиот дворец се изгубени во сопствените лаги и веќе не памтат што и околу што имаат излажано. Од почетокот на пандемијата па до денеска ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се на страната на вирусот наместо на страната на јавното здравје и здравствениот систем. Прво ги кршеа мерките за заштита од коронавирусот, па ширеа лажни вести за недостиг на заштитна опрема и тестови, па кочеа заем за опремување на модуларни ковид-болници, па потоа со лажни документи се обидуваа да го поткопаат процесот за набавка на вакцини, па откако сето тоа не им успеа денеска продолжуваат со лажни вести и конструкции да го попречат процесот на вакцинирање на населението“,

велат од СДСМ.

Извор 360°