РОДИТЕЛИТЕ ШТО СЕ ПРОТИВ ДИГИТАЛИЗАЦИЈА НА УЧЕБНИЦИТЕ БАРААТ РЕФЕРЕНДУМ И СРЕДБА СО ЗАЕВ

0
22

Родителите што се против воведување дигитални учебници во образованието до Собранието доставија предлог за покренување граѓанска иницијатива за распишување референдум на државно ниво. Здружени во иницијативата „Учебници и настава мора да има“, велат дека успеале да соберат 600 потписи на протестите што ги одржаа за време на викендот.

„Доколку во рок од три дена не добиеме одговори, ние ќе сметаме дека тоа е прифатено и ќе продолжиме со собирање потписи. Потребни ни се 10 000 потписи за законски да можеме да организираме референдум. Доколку не бидеме прифатени од претседателот на Собранието, ќе се обратиме до Владата ќе продолжиме со протестот“,

изјави Драгана Спасевска.

Од иницијативата бараат средба и со премиерот Зоран Заев, откако им пропаднаа обидите да ја убедат министерката за образование Мила Царовска да го повлече законот за учебници.

Покрај стопирање на дигитализацијата во образованието, родителите на протестот бараа да се стопираат и реформите за воведување сеопфатно сексуално образование, а носеа и транспаренти „Стоп за родова сензитивност“ и „Стоп за укинување на историјата како предмет“.

Извор 360°