СЛОВЕНИЈА, АВСТРИЈА И ЧЕШКА СО ПОДДРШКА ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИ ЗА МАКЕДОНИЈА

0
18

Македонски оптимизам, бугарско вето и европска поддршка – ќе има ли датум за преговори со ЕУ овој јуни?

Шефовите на дипломатиите на Словенија, Австрија и Чешка денеска пристигнаа во Скопје со силна поддршка за Македонија и застанаа зад португалскиот предлог – документ кој вчера беше доставен до Скопје и Софија. Детали околу документот не се откриваат, ниту дали истиот ќе биде модифициран и повторно доставен, но сите се сложуваат дека времето до јунскиот самит е кратко.

На прашање дали ЕУ се измори од 16 години испраќање пораки кои се сведуваат само на зборови, шефот на дипломатијата на Австрија, Александар Шаленберг одговори:

„Нештата навистина се променети. Затоа што сега зборуваме за конкретен датум, за отворање на меѓувладината конференција за започнување на преговорите“.

Чешкиот министер за надворешни работи, Јакуб Кулханек порача дека ЕУ не може и не смее да си дозволи да се заглави во ваквите историски спорови и барања.

„Мораме да го ставиме процесот во оптег. Ја планираме оваа конференција во јуни. Го спомнавме тоа и сакаме да направиме се што е можно за таа да се случи и затоа сме овде сите тројца министри“ смета тој.

Шефот на дипломатијата на Словенија, Анже Логар истакна дека посетата на претседателите на Македонија и Бугарија на Рим е одлична можност да се дискутира за прашањето.

„Да не ја заоструваме дебатата, туку да го олесниме проблемот. Ја имате целосната поддршка од португалското претседателство и добив чесен збор од другите колеги дека ќе го поддржат и словенечкото претседателство во таа насока“ вели Логар.

Османи остана воздржан пред медиумите околу деталите на португалскиот предлог, но и на прашањето дали македонскиот став дека документот е добра основа предвидува идни отстапки.

„Во услови на недоверба и најмалите проблеми изгледааат ненадминливи, во услови на доверба, сите прашања можат да се решаваат“ рече Бујар Османи.

Шефовите на дипломатиите на трите држави, Австрија, Чешка и Словенија имаа средба и со премиерот Заев. На средбата тројцата министри децидно застанаа зад предлогот на португалското претседателство и се согласија дека успешно завршените реформи мора да гарантираат датум за преговори на Македонија со ЕУ.

Извор Тв24