Според првичните информации на надлежните од градинката „Ангел Шајче“ 30 деца од две до шест години, од три објекти „Пчелка“, „Синоличка“ и „Кокиче“ за време на викендот се пожалиле на симптоми повраќање, дијареја, болки и грчеви во стомакот, температура. Дел од родителите пак, ги одвеле децата на лекување во Скопје.
Директорката на градинката, Марина Алексовска на прес-конференцијата, изјави дека ги чекаат податоците од анализата на надлежните од Државниот санитарен здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство и на епидемиолошката служба од Центарот за јавно здравје Куманово кои сè уште се во објектот „Пчелка“ и земаат брисови и потребни материјали за епидемиолошкото истражување. Токму во овој објект се подготвувала храната за потребите на децата од овие три градинки, која од денеска официјално е затворена за работа, соопштија денеска и надлежните од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.