ФИЛИПЧЕ:СИТЕ НАД 40 ГОДИНИ КОИ СЕ ПРИЈАВИЈА ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ВО СКОПЈЕ ДОБИЈА ТЕРМИНИ

0
18

Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека термини за вакцинација добиле сите граѓани над 40 годишна возраст од Скопје кои до 30 април изразиле желба за вакцинирање преку веб страницата vakcinacija.mk. Според него, во текот на следните три дена термин ќе добијат лицата над 40 години од останатите градови во земјава кои покажале заинтересираност за вакцинација до крајот на минатиот месец.

Од вчера, како што информира Филипче на неговата Фејсбук страна, почнала вакцинацијата и на пациентите кои се на дијализа, како и пациентите со трансплантација. Тој порачува и дека имунизацијата во државата се одвива со засилено темпо, а најлесен начин да се вакцинираат луѓето е да се пријават на официјалната веб страна за пријавување.

Вчера во земјава стигнаа 100 илјади вакцини „Синофарм“ кои се донација од Кина. На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 203.324 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 12.719 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.482 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 203.324 дози вакцини, а ревакцинирани се 24.851 граѓани.