ФИЛИПЧЕ НЕ ОЧЕКУВА ПРОБЛЕМ ВО ДОСТАВАТА НА СПУТНИК В ПО ПРОТЕРУВАЊЕТО НА РУСКИОТ ДИПЛОМАТ

0
20

Протерувањето на рускиот дипломат од земјава не очекувам да влијае врз доставата на руската вакцина Спутник В во земјава, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање. Тој денеска пред салата Борис Трајковски, каде што се врши вакцинација истакна дека преку претставници на руската амбасада има најава за одредена доза на Спутник В до крајот на мај.

„ Во ниту еден момент за време на бројните средби а и сега разговорите телефонски кои ги имам со рускиот амбасадор нема никаква најава за политизација на прашањето, ниту беше така на почетокот ниту е сега, останува да видиме како ќе тече, последните најави се дека ќе стигне одредена количина до крајот на мај. Ќе видиме дали ќе биде така“ изјави Филипче.

Тој додаде дека по вчерашниот настан со протерувањето на рускиот дипломат не се слушнал со рускиот амбасадор, но дека досегашната комуникација била коректна и не очекува проблеми поради тоа.

Тој додаде дека се уште е на сила препораката од 14 дена карантин сите патници кои доаѓаат во земјава од Африка, Јужна Америка и Индија, затоа што сознанијата кои ги имаат се дека најопасна варијанта на вирусот е индиската која има дупла мутација и е позаразна од другите.

„Но, засега ниту кај нас, ниту во регионот, ниту во делот на Југоисточна Европа нема некаква најава дека нешто драматично се случува во смисла на влошување и затоа будно ја следиме ситуацијата“ вели Филипче.