Финални активности на проектот на СВР Тетово – Стоп на говорот на омраза“

0
26

Секторот за внатрешни работи Тетово утре (11 мај) ќе стартува со финалните активности на превентивно-едукативниот проект „Стоп на говорот на омраза“, чиј носител е Отсекот за превенција, а со кој преку посебни предавања досега вкупно беа опфатени над 3000 средношколци од прва година од Полошкиот регион. Во рамки на овие активности на педесетина ученици и нивните ментори ќе им бидат дистрибуирани сликарски материјали, со кои тие дома ќе изработуваат уметнички творби на тема „Не навредувај, различности почитувај“.

Делата, кои ќе бидат изработени со овие материјали кон крајот на месецот, ќе бидат изложени во Тетово и Гостивар, со порака да му се застане на патот на говорот на омраза кој, за жал, е присутен, најмногу на социјалните медиуми и во што најчесто се инволвирани ученици од средношколска возраст.

Целта на проектот е и да се упати порака да се почитуваат различните мислења, припадности и ориентација, со цел да се поттикнат вистинските вредности и критериуми меѓу младите и да се намалат насилни и други постапки, како последица на претходно искажан и споделен  говор на омраза.