ЧЕШКИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ МУ СЕ ИЗВИНИ НА ВУЌИЧ ЗА БОМБАРДИРАЊЕТО ВО 1999 ГОДИНА

0
42

Претседателот на Чешка, Милош Земан и се извини на Србија за бомбардирањето на НАТО во 1999 година, оценувајќи дека тоа е „грешка“ и „полошо од злосторство“ и побара прошка од српскиот народ.

„Како човек, би сакал да го замолам српскиот народ да ни прости. Тоа цело време ме мачеше. Со ова барање за прошка, ја решив мојата долгогодишна траума, затоа што ги каењето ослободува”, изјави Земан пред новинарите по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Земан објасни дека Чешка, кога започна бомбардирањето на тогашна СР Југославија, била членка на НАТО само неколку недели и дека затоа не можела да најде држава што ќе ја поддржува во спротивставувањето на нападот врз Србија.

На 24 март 1999 година, земјите членки на НАТО ја започнаа операцијата „Сојузнички сили“ – бомбардирањето на Сојузна Република Југославија, кое траеше до 1 јуни 1999 година – со што се стави крај на конфликтот на Косово.

Во 78-дневните напади сериозно беа оштетени инфраструктурата, деловните субјекти, училиштата, здравствените установи, медиумските куќи, спомениците на културата, црквите и манастирите, а се проценува дека загинале најмалку 1.300 лица и околу 12.000 биле повредени.

Економските експерти од Групата 17 ја проценуваат штетата на околу 30 милијарди долари, додека некои проценки се движат до 100 милијарди.

Заблагодарувајќи му се на Земан, Вучиќ рече дека српскиот народ никогаш нема да го заборави неговото извинување.

Српскиот и чешкиот народ досега беа пријателски народи, а од денес се братски, истакна Вучиќ за време на обраќањето што некои белградски електронски медиуми го пренесуваа во живо од Прага.

Тој оцени дека Земан е храбар човек кој никому не се додворува и го најави доаѓањето на чешкиот претседател во Србија на крајот на годината, кога се очекува отворање на „Чешката куќа“ во Белград.