Шекеринска на средба со својот италијански колега Лоренцо Гуерини во Рим

0
16

На покана на италијанскиот министер за одбрана Лоренцо Гуерини, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, од денеска престојува во работна посета на Република Италија.

Попладнево министерката Шекеринска ќе има средба со министерот Лоренцо Гуерини, а во текот на работната посета ќе има средби во Министерството за надворешни работи и Сенатот на Република Италија. Во рамките на посетата, министерката Шекеринска во Одбранбениот колеџ на НАТО во Рим, ќе има обраќање на тема „Искуствата од првата годишнина од членството на Северна Македонија во НАТО”. Северна Македонија и Италија во областа на одбраната соработуваат од 1997 година и тоа во областа на цивилно – воената соработка, логистиката, военото воздухопловство, обуките и школувањата. Досега, на дел од обуките и школувањата во Италија биле питомци на Воената академија, како и офицери од Армијата на Република Северна Македонија. Двете земји соработуваат и на регионално ниво, во рамките на СЕДМ иницијативата, а интензивна е и соработката во рамките на меѓународните мисии – во италијанскиот контингент во УНИФИЛ во Либан, како и во силите КФОР на Косово, предводени од италијанскиот генерал Франко Федеричи, каде македонската армија учествува со 44 армиски припадници.