ДО КРАЈОТ НА ЛЕТОТО МАКЕДОНИЈА МОЖЕ ДА ПОСТИГНЕ КОЛЕКТИВЕН ИМУНИТЕТ ПРОТИВ КОВИД-19

0
19

До крајот на летово очекуваме колективен имунитет, вели министерот за здравство, Венко Филипче во интервју за Радио Слободна Европа. Тој информира дека месецов се очекуваат 100 илјади вакцини од „Синофарм“ и уште половина милион од „Синовак“. Сите кои се пријавиле до 30-ти април, деновиве ќе добијат термин за вакцинација.

„Решивме да се стави приоритет на тие што се пријавиле и затоа се направи пресек на 30 април – сите граѓани коишто се пријавени на сајтот vakcinacija.mk, а тоа се невакцинирани близу 160 илјади, во период од две недели, значи некаде до 15 мај, ќе добијат термин за вакцинација преку СМС-порака или мејл, со точно време и пункт каде треба да се јават“, рече Филипче.

Посочи дека се става приоритет на тие кои покажале интерес за вакцинација и затоа апелира граѓаните да се пријават на сајтот и да ги има во системот „Мој термин” за да може понатаму да се креираат тие приоритети.

Нема никаков сомнеж во ефикасноста на ниту една вакцина, нагласи Филипче, и додаде дека Светската здравствена организација и Европската агенција за лекови сега ги евалуираат и сите други вакцини од други производители кои засега од нив не се одобрени, а тоа, рече, ни укажува дека сите вакцини се ефикасни.