Курти: Косово не може да има Здружение врз етничка основа

0
100

Косово не може да има Здружение врз етничка основа, рече премиерот на Косово, Албин Курти, бидејќи според него, барањата за етничко здружение не доаѓаат од обични луѓе, туку од политичари и од северните соседи. Коментарите на премиерот Курти доаѓаат по изјавата на американскиот амбасадор на Косово, Филип Коснет, кој во среда рече дека Косово има обврска да формира Здружение на општини со мнозинско српско население. Во 2013 година, во рамките на дијалогот за нормализација на односите, Косово и Србија постигнаа договор за формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.

„Не мислам дека е можно во правниот и уставниот поредок на Косово да има Здружение по етничка основа. Може да има Заедница на општини на развојна основа, може да има и на географска основа. Земете го Здружението за Шар Планина или реката Лепенец. Но, здружение по етничка основа не може да помине ниту во смисла на духот ниту по буквата на Уставот на Косово. Ова е јасно соопштено со пресудата на Уставниот суд, објавена на 23 декември 2015 година“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.