ОБЈАВЕН НОВ ТЕНДЕР ЗА ТЕРМИНАЛИ ЗА ОТПЕЧАТОЦИ ОД ПРСТ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ

Државната изборна комисија објави нов тендер за набавка на апарати за отпечаток од прст кои ќе треба да се користат за претстојните локални избор наесен. Во спецификацијата на огласот се наведува дека се бара интегриран систем за биометриска идентификација на гласачите, а вредноста на набавката изнесува околу 12 милиони евра. Крајниот рок до кога треба да се достават понудите е 1 јули.

Постапката за набавка на апаратите за отпечаток од прст почна во мај, но претходниот тендер беше поништен во петокот, откако од ДИК забележале грешки во спецификацијата. Наместо да се бара фирма што ќе набави апарати за биометриска идентификација на гласачи, се барало електронска идентификација на лица.

Од комисијата, сепак, очекуваат до втората половина на јули да заврши целата тендерска постапка и да биде избрана фирмата за да нема потреба од одложување на локалните избори.

По набавката на апаратите за гласање со отпечаток од прст, ќе треба да се изврши обука и да се имплементира опремата. Според проценките на ДИК и бројот на гласачки места, ќе се обезбедат околу 4.000 терминали.

Обезбедување апарати за отпечаток од прст за локалните избори беше едно од барањето на ВМРО-ДПМНЕ за кое се договорија Христијан Мицкоски и Зоран Заев на лидерската средба во март.