Тензии во Црното Море: Русите пукале во британски брод, Британците негираат

Претходно британскиот разурнувач добил предупредување дека ќе биде употребено оружје доколку влезе во територијата на Руската Федерација, меѓутоа воениот брод не реагирал на предупредувањето, наведува министерството за одбрана на Русија.

„Разурнувачот ХМС Дифендер на британската морнарица на 23 јуни во 11:52, движејќи се во северозападниот дел на Црното Море, ја помина државната граница на Руската Федерација и влезе три километри во територијалното море во областа на ртот Фиолент“ во близина на Крим, се наведува во соопштението.

Потоа, како што наведува руското министерство, пограничен брод на руската флота испукал два предупредувачки истрели во 12:06 и 12:08 по што, во 12:19, авион Су-24М извел предупредувачко бомбардирање во насоката на движење на британскиот разурнувач.

Потоа британскиот брод, во 12:23, ги напуштил територијалните води на Русија, заклучува руското министерство.

Меѓутоа, британското министерство за одбрана на Твитер објави дека на ХМС Дифендер не биле испукани предупредувачки истрели.

„Бродот на кралската морнарица минува низ украинските територијални води во согласност со меѓународното право“, се наведува во твитот.

„Веруваме дека Русите спроведувале вежба на гаѓање во Црното Море и ја предупредиле поморската заедница на своите активности. Ниеден истрел не бил насочен кон ХМС Дифендер и не ги признаваме тврдењата дека бомби биле фрлени на неговата рута“, објави британското министерство за одбрана.

Според информациите на британското министерство, ХМС Дифендер е дел од борбената група на кралската морнарица која извршува задачи во Црното Море.