БАЈДЕН НАРЕДИ ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ИМОТ И ЗАБРАНА ЗА ВЛЕЗ ВО САД НА ЛИЦА КОИ РАБОТАТ ПРОТИВ ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР И РЕГИОНАЛНАТА СОРАБОТКА

0
20

По декретот на американскиот претседател Бајден, со кој се најавува дека САД ќе ги става на црна листа сите кои работат против Преспанскиот и Охридскиот договор и работат на дестабилизација на Западен Балкан, извесно е дека на црната листа со потпис на американскиот Претседател ќе се најдат и нови имиња на македонски политичари.

„Станува збор за лица кои, се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во активност што го попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, Резолуцијата 1244 на ОН, Дејтонскиот договор, заклучоците на Совет за спроведување на мирот одржан во Лондон во декември 1995 година, вклучувајќи ги и одлуките или заклучоците на високиот претставник, Советот за спроведување на мирот или неговиот управен одбор, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија или во однос на поранешна Југославија, Меѓународниот механизам за кривични трибунали “, оценува Бајден

Аналитичарите пак оценуваат дека декретот е сериозна порака за целиот Западен Балкан, со што се покажува дека Бајден будно ги следи состојбите на Балканот.

Eвропската Унија не ја коментира одлуката на Бајден. Петер Стано, портпарол за надворешна политика во Европската Комисија истакна дека Унијата има сопствени ангажмани на Западен Балкан.

Диплотматски извори за ТВ 24 пак коментираат дека ваквите пораки од САД не смеат да се сметаат за наивни. Политичар што ќе се најде на црната листа на Америка ќе се соочи со последиците од санкциите. Санкциите подразбираат блокирање и застој во финансиското функционирање надвор од земјава, забрана за патување во САД, проблематични банкарски трансакции и слично. Целта според коментарите на познавачите е политичарите да понесат и одговорност, да се влијае врз промената на ставовите кои треба да бидат во насока на зајакнување на демократскиот капацитет, но и поголема внимателност при носењето на полтички одлуки во иднина.

На црната листа на САД претходно се најде поранешниот албански премиер Сали Бериша, а од минатата недела и шестмина бугарски бизнисмени и лица блиски до партијата на Бојко Борисов.

Од македонски државјани, на неа од поодамна се наоѓаат Мендух Тачи , Љубе Бошковски и екс пратеникот Џеват Адеми, а меѓу организациите фигурира и поранешната Ослободителна Народна Армија – ОНА.

Извор Тв24