Бугарија го потврди ветото во Луксембург? – Рот: Билатералните конфликти не се на ниво на ЕУ

0
19

Утрово во Луксембург се собраа министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, првпат со физичко присуство по олеснувањето на анти-ковид мерките, но сепак Бугарија не попушта за Северна Македонија во однос на стартот на пристапните преговори.

МИА, повикувајќи се на дипломатски извори на ЕУ, пишува дека на средбата Бугарија одбила да попушти, и покрај предупредувањата од земјите-членки дека со оваа блокада „ЕУ сама си пука во нога“. Според истите извори, најупорна е Германија, која покажа силна заложба за Македонија да ги почне преговорите. Пред средбата, германскиот министер за европски прашања, Михаел Рот, рече дека е неприфатливо билатералните проблеми да попречуваат важни одлуки, како што е стартот на преговорите.

„Немам никакво разбирање за овие потребни одлуки да бидат под сенка на билатералните конфликти, не треба да се слушаат на ниво на ЕУ. Тие можат да се разговараат во рамките на ЕУ и ние сме таму, но тоа се билатерални проблеми. Комисијата, Федералната Влада смета дека Албанија и Македонија го исполнија нивниот дел од задачите и конечно можат да започнат со преговори. Мора да биде јасно дека ЕУ како целина, поддржана од 27 земји-членки сега испраќа сигнал за спроведување на ветувањата што ги дадоа. Сега ние мора да направиме нешто и се надевам дека ќе успееме да постигнеме разумни одлуки“, посочи Рот.

Останатите шефови на дипломатијата со пораки дека преговорите треба да почнат!

„Албанија и Северна Македонија ги исполнија сите критериуми и би сакале да видиме старт на преговорите што е можно поскоро“ истакна министерот за надворешни работи на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман.

„Посакувам да имаме добри резултати. Потребни се добри вести за кредибилитетот на ЕУ“, изјави министерот за надворешни работи на Словачка, Мартин Клаус.

Пред средбата, и државниот секретар во МНР на Словенија, изјави дека се надева на добри дебати околу проширувањето. Претставникот на Ирска исто така рече дека и за нив проширувањето е клучно прашања. Се очекува денеска да се одржи и меѓувладина конференција меѓу ЕУ, Србија и Црна Гора. По денешната средба во Луксембург, се очекува разговорите да продолжат во Брисел на 24 и 25 месецов.