ВО БРИСЕЛ ПРОДОЛЖУВААТ ПРЕГОВОРИТЕ МЕЃУ БЕЛГРАД И ПРИШТИНА

0
48

Лидерите на Србија и Косово во Брисел ќе ги продолжат преговорите под покровителство на Европската унија со цел да се најде решение за еден од најтешките територијални конфликти во Европа, изјави денеска портпаролот на ЕУ.

„Главната намера е да разговараме за тоа како понатаму, затоа што на Косово имаме нов партнер “, рече Питер Стано,портпарол на дипломатијата на ЕУ.

Тоа ќе биде прва средба по историската победа на Албин Курти на парламентарните избори во Косово во февруари. Премиерот, член на левичарското реформско движење Самоопределување, најави нов пристап во преговорите со српскиот претседател Александар Вучиќ.

Односите меѓу двете соседни земји на Балканот остануваат сложени, повеќе од 20 години по нивното разделување со војна. Последниот состанок на лидерите на двете земји се одржа во јули 2020 година преку видео врска.

Белград одбива да ја признае независноста на поранешната покраина, прогласена во 2008 година, скоро десет години по војната што заврши со бомбардирање на НАТО, што ја принуди српската армија да се повлече.

По промената на раководството на Косово, ЕУ и САД извршија притисок врз обете страни да продолжат со преговорите.

Но, дијалогот спонзориран од ЕУ во последните десет години стои во место. Преговорите треба да ги нормализираат врските по војната во која загинаа 13.000 луѓе.

„Очекуваме двете земји во иднина да учествуваат во дијалогот, да ги почитуваат сите претходни договори и да покажат подготвеност и посветеност со цел да се постигне конечен и глобален договор за нормализирање на односите“, рече Питер Стано.

Белград и Приштина сакаат да влезат во ЕУ.

Независноста на Косово е признаена од повеќе од сто земји, вклучително и Соединетите држави, кои таму го одржуваат силното влијание.

Сепак, Србија ја смета територијата за нејзина јужна провинција, во што ја има поддршката од Русија и Кина.