Грција на младите им дава 150 евра за вакцинација

0
46

Младите во Грција кои ќе се вакцинираат против коронавирус наскоро нема да добијат само заштита против ковид-19 туку и платежна картичка во вредност од 150 евра, со цел државата да привлече што е можно повеќе луѓе на вакцинација.

Премиерот Киријакос Мицотакис објави соопштение кое се однесува на околу 940.000 луѓе во земјата на возраст од 18 до 25 години.

За овој проект се издвоени до 141 милион евра. Владата се надева дека 60 отсто од грчките 11 милиони жители ќе бидат вакцинирани до крајот на јули.

Под име карта на слободата, износот се доделува како благодарност до младите луѓе кои биле трпеливи и се држеле настрана од гужви за време на пандемијата, во обид да го спречат преносот на вирусот.

Парите можат да се користат за хотелски резервации, билети за траект, авионски билети, посети на музеи и концерти.

Мицотакис забележа дека, освен што ќе добијат пари, луѓето мора да бидат свесни за ризикот што го претставува вирусот.

„Можеби помладите луѓе мислат дека нема да се заразат со коронавирусот или, ако го добијат, мислат дека нема да им биде многу лошо“, рече тој. „Но, тие тогаш се носители на вирусот и помагаат во неговото ширење“, рече тој.