Два месеца чекање за нов пасош – МВР: По отворањето на границите има зголемен број на барања

0
26

За да извадат нов пасош во Скопје, граѓаните треба да чекаат речиси два месеца. Но, доколку сакате патната исправа да ја имате в рака за два дена, тогаш ќе треба да платите околу 80 евра за итна постапка. Од Министерството за внатрешни работи велат дека е дезинформација дека нема пасоши и лични карти. За ТВ21 објаснуваат дека доцнењата се резултат на зголемениот број барања кои ги добиваат од граѓаните.

„Патни исправи од сите типови има во доволен број и се одговара на сите барања на граѓаните, кои се во енормно зголемен број, поради тоа што граѓаните во претходниот период не ги обновувале документите од причина што поради Ковид кризата границите беа затворени. Со цел побрза услуга на граѓаните, продолжено е работното време и воведено е и работење во викенд, при што може да се закаже за продолжување на патна исправа по редовна или по итна постапка“, посочија од МВР.

Но, сега може да се патува и со истечен пасош. Министерството за надворешни работи ги извести сите земји во светот за важноста на македонските пасоши со истечен рок. Истечените патни исправи ќе важат до 31 декември годинава. Одлуката стапува на сила на 1 јули, а важи за сите оние чиј пасош истекол по 21 јули 2020 година. Но, во моментов сѐ уште не се знае како ова новина ќе се спроведува на граничните премини. Од опозициската Алијанса за Албанците велат дека МВР за три дена издала фалсификувани пасоши на шефови на мафијата, а граѓаните мора да патуваат со истечени пасоши.

„Веќе неколку недели МВР нема пасоши за граѓаните, а целиот свет го има информира дека нашите државјани ќе се движат со истечени пасоши. Поминаа три месеци од кога МВР нема ниту регистарски таблици за возилата што се во процес на регистрација. И за да не биде сето ова доволно, министерството нема ниту егземплари за печатење на возачки дозволи“, истакна Шефик Дураки, портпарол на Алијанса за Албанците.

Реакција и од ВМРО-ДПМНЕ, од каде прашуваат кој може да им гарантира на нашите граѓани дека некоја држава ќе ги прими да влезат со истечен пасош?

Тв21