Заев и Рама во еден глас: Европа има голем проблем – тоа е самата ЕУ

0
15

Остра порака на македонскиот и албанскиот премиер по вчерашниот неуспех на европските министри да ја тргнат блокадата на Бугарија. Балканот ги брани европските вредности, а не ЕУ, порачаа Заев и Рама

 

Европската унија нема ексклузивитет на Европа, особено кога не го испорачува она што го ветува. А европските вредности денес ги бранат земјите од Западен Балкан, но не и самата Европска унија што ги промовира.

Со ваква остра порака денеска излегоа премиерите на Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, во заедничката изјава по вчерашниот неуспех на европските министри да ја одобрат преговарачката рамка за двете земји поради блокадата на Бугарија.

Заедничката изјава (за време на Скопскиот економски форум) ја читаше Заев и по начинот на којшто ја презентираше (со строг тон) и она што го прочита беше јасно дека на лидерите на двете земји веќе им прекипело од постојаните ветувања, одложувања и разочарувања што ги приредува ЕУ. Но сепак тие изјавија дека остануваат посветени на европскиот пат, без оглед што Унијата не се придржува кон своите ветувања и преземените обврски. Заев го нарече Рама „колега, пријател, другар, брат“.

Каде отиде визионерската идеја

„Европа има проблем; големата визионерска идеја за обединета Европа денес има проблем. А проблемот е самата ЕУ. Брисел ни порача дека не успеале да најдат начин да ја обезбедат заслужената интеграција на Западен Балкан. Тоа е проблемот. Тоа што 26 земји членки на ЕУ не успеваат да спречат блокада на една држава е  проблем на Европа предизвикан од самата ЕУ“, рече на почетокот од изјавата Заев.

Според македонскиот премиер, Македонија и Албанија не се сами и нема да бидат сами, ниту изолирани. Македонскиот и албанскиот народ имаат пред себе ист пат, иста визија, исти вредности – европските вредности, а не политики на ѕидови и поделби. Нагласувајќи дека со нив се и другите четири западнобалкански земји, Заев рече: „Ние сме Европа, без оглед дали ЕУ ќе ги тргне блокадите или не“.

Потоа, во пораката до домашните и европските политичари, Заев и Рама ја наведуваат парадоксалноста на моментот: „Алармот е вклучен. Суштината и вредностите на ЕУ се доведени во прашање. Европските вредности денес се афирмираат од Западен Балкан“.

Заев рече дека преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија, а европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатералните прашања.

„Нашиот напредок во ЕУ-интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди. Токму затоа сметаме дека во преговорите или во рамката не треба да се внесуваат билатерални прашања. Тоа е опасен преседан и тоа е став кој го делат сите останати земји членки на ЕУ. Македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори. Покажавме храброст и искрена волја за решавање на билатералните односи преку заемно почитување и заштита на националното достоинство“, рече македонскиот премиер.

Според Заев и рама, одлуката на ЕУ е огромен неуспех за политиката на проширувањето и лоша порака за целиот регион.

Заев спомна дека во Софија заминал со отворено срце и подадена рака за изнаоѓање решение и подготвеност за исчекор со Бугарија. Но „и покрај поддршката од целата меѓународна заедница бугарските колеги не успеаја да соберат доволно сила и да го одобрат почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија“. Според него, ставот на Бугарија не е во духот на добрососедските односи.

Тој од свое и од името на Рама порача дека европските лидери сериозно треба да земат предвид дека бескрајните и повторувачки разочарувања неминовно им отвораат вратата и ги охрабруваат евроскептиците. „Токму затоа ЕУ мора да изнајде формула како да го одржи зборот и да го продолжи проширувањето кон Западен Балкан“.

На крајот тој упати една лична порака: „Оние што ме знаат добро знаат дека не се откажувам. На тие што не ме знаат, да знаат дека не се откажувам. Ќе одам во Софија повторно, повторно, повторно и ќе барам решение и во тоа ќе успееме“.

Еди Рама имаше покусо обраќање во кое нагласи дека ЕУ потфрли уште еднаш да донесе вистинска одлука. „Што и да се случи, што и да се одлучи во Брисел, ние ќе останеме посветени да ја зајакнеме економијата, да ја подобриме благосостојбата на нашите народи и да го сочуваме нашето достоинство. ЕУ може да поставува задачи, може да поставува рокови, датуми, но не може да ја смени локацијата на Албанија и С. Македонија кои се наоѓаат во средината на Европа, ниту иднината на нашите народи како европски народи во европското семејство“, рече Рама околу бугарската блокада.

Според него, Албанија ја има завршено својата задача уште од времето на Скендербег и преродбениците. „За нас Сонцето изгрева таму каде што заоѓа, а нашата иднина е таму каде што бог одредил да имаме своја земја, во срцето на Европа.  ЕУ потфрли повторно да го одржи ветувањето, да остане посветена на аганжманот и да биде на вистинскиот став“, нагласи Рама.

Тој додаде дека напредокот ќе продолжи со сите сили затоа што тој не ни се наметнува од надвор, туку од нас самите внатре и нема да зависи само од односот на ЕУ кон нас, а ќе продолжи и регионалната соработка.

„Топењето на границите меѓу нас е за да го претвори нашиот регион во простор на целосна имплементација на четирите слободи на ЕУ: слобода на движење на луѓе, на стоки, услуги и капитал. Тоа ќе продолжи без запирање, бидејќи ние сме премногу мали да имаме силни економии останувајќи одвоени едни од други. Но сме доволно големи ако едни со други го претвориме регионот во еден заеднички економски простор“, порача Рама.

Што има во предлогот до Софија

На новинарското прашање што стои во предлогот што го доставиле до бугарската страна за време на неговата посета на Софија Заев одговори:

„Го утврдивме и интензитетот на работа на историско-образовната комисија. Потврдивме дека Северна Македонија е исто како Република Северна Македонија и никако тоа нема импликации или какви било територијални претензии према кој било од соседите, вклучително и према Република Бугарија и дека Република Северна Македонија и Северна Македонија се однесува исклучиво на територијата, на политичкиот субјект, на државата Република Северна Македонија. Подготвени сме да ги доставиме овие ноти секаде во земјите членки на ЕУ и каде што треба.

Потврдивме дека не само што не се мешаме во внатрешните работи на земјите обострано исто така не се мешаме и во малцинските права затоа што тие се решени со европското право преку Судот за човекови права во Стразбур.

Потврдуваме и натамошно унапредување на нашата соработка во која што дефинитивно зборуваме дека да имаме два слични, но различни и меѓународно признаени јазици, конечно да ја демантираме и оваа теза која што беше лажно пласирана. Да двете земји веруваме дека имаме заедничка историја и да дека потврдуваме дека постојат луѓе коишто веруваат дека сме припадници на ист народ, како што постојат и многу други луѓе коишто веруваат дека сме сосема засебни и посебни како народи, но сето тоа нѐ повикува двете страни уште повеќе да си помагаме и да се поддржуваме во процесите коишто доаѓаат пред нас“, рече Заев.

Тој беше дециден дека никогаш не било отворено прашањето на нашиот идентитет и на нашиот македонски јазик, а дека тоа не го отворила ниту бугарската страна.Тоа нашето право на идентитет. Драго ми е што тоа не е на маса и нема да дозволиме никогаш да биде на маса, затоа што за идентитетот наш македонски, за македонскиот јазик не се преговара“, нагласи премиерот Зоран Заев.

Независен весник