ЗАЕВ: НА МАСА Е ПОРТУГАЛСКИОТ ПРЕДЛОГ КОЈ Е ДОБРА ОСНОВА ЗА РЕШЕНИЕ

0
16

Премиерот Зоран Заев денеска, одговарајќи на новинарски прашања, повтори дека несериозни изјави, особено од претседателот на најголемата опозициска партија, во врска со прашањето со Бугарија, може да предизвикаат само штетни последици и закочување на процесот на евроинтеграции на Северна Македонија. Повтори и дека ништо не се крие и не се разговара поразлично и оти на маса е португалскиот предлог, и оти тоа за нас е добра основа да се најде решение за билатералното прашање со Софија.

-Апелирам за трезвеност затоа што илјада пати потврдивме, додека стоеше до мене потпретседателот на ЕУ Борел, или Тимерманс или претседателката Фон Дер Лајн или кој било од луѓето кои се лидери во ЕУ, вклучувајќи и претседатели и премиери на земји членки на ЕУ, експлицитно јасно кажав доколку македонскиот јазик и македонскиот идентитет се на маса ние не преговараме, така што еве го 22-ри ќе се знае за што е разговарано. Тоа е за 18 дена од денеска, рече Заев.

Тој уште еднаш апелираше на сериозност. – Верувајте, сериозно е и државата и иднината и сето тоа што се разговара. Попатно треба да градите и пријателства, да подавате рака со соседите, да изнајдете начин. Така што дефинитивно едно кое што можам да го потврдам за сите – треба секој да биде спокоен, не само Македонците заради македонскиот идентитет и македонскиот јази. Тоа ги боли, ги засега сите наши граѓани, да бидат спокојни заради тоа што ниту било, ниту е, ниту ќе биде на маса на преговори за нашиот европски пат кон којшто стремиме, рече Заев, додавајќи дека само сериозни политичари и одговорни политики може да не доведат кон подобра иднина за сите граѓани.

Во врска со патоказот за исполнување на обврските во Договорот со Бугарија, Заев повтори дека работните групи во двете МНР, и во македонското и во бугарското, работат конкретно на протоколот, на патната карта за да може да се дефинира соработката на секторско ниво, комплетно, со рокови, односно како поефикасно и поуспешно ќе се унапреди соработката.

-Со патоказот ќе се гарантира дека побрзо и поефикасно ќе ги изградиме коридорите што не поврзуваат – дали е тоа дел од Коридорот 8 којшто го поврзува Куманово – граница со Бугарија или е Коридорот Скопје – Штип, Клепало кај Берово или е Источниот коридор Струмица – Ново Село – граница во делот на инфраструктурата. Зборувам за од двете страни затоа што ние очекуваме исто така и бугарската страна, после три години да направи конкретен чекор заради тоа што пред се е интерес и на македонската и на бугарската страна отворањето на граничниот премин Клепало. Ние нашето пријателство сме го потврдиле низ годините на неколку пати со конкретни докази. Дигнавме споменик на важен генерал од Бугарската армија од Првата светска војна или слично во Дојран, односно го возобновивме разрушениот за да покажеме акт на пријателство, рече Заев.

Премиерот рече дека гаранциите се помеѓу двете земји и оти ЕУ во процесот на усогласување на преговарачката рамка, секогаш ја става имплементацијата на двата договори – Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство, соработка и пријателство со Бугарија.

-Договорот за асоцијација и стабилизација што го имаме потпишано 2001 година, токму тој Договор ги дефинира добрососедските односи. И секаде соодветно е разместено. Навистина реков имаме инвентивен и креативен предлог од португалското претседателство што води сметка за двете страни, ги чува навистина важните работи за двете страни, а сепак нуди решение. Така што дефинитивно да оставиме овие неколку дена да финишираме, да се надеваме на исчекор, рече премиерот Заев одговарајќи на новинарски прашања пред акцијата на Град Скопје за чистење на поранешниот полигон за обука на возачи под Скопското Кале, по повод Светскиот ден на заштита на животната средина.

Извор Тв24