Заев утре во Софија: „Нема деблокада, добро е што Бугарија има желба за разговор“

0
23

На ден пред посетата на премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот Димитров и министерот Османи на Софија, Заев останува на ставот дека за македонскиот јазик и идентитет не се преговара, туку на маса е португалскиот предлог. Но зошто доколку идентитетот не е условот, Бугарија и натаму го блокира нашиот почеток на преговорите со Европската унија?

„Затоа што Бугарија мисли дека не сме доволно ефикасни во реализацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, бараат конкретни гаранции, гледате дека тоа ќе биде динамично. Нивно право е да кажат дека сакаат уште подинамична реализација на овој договор. И ние сакаме, и ние сакаме ако може уште утре да ја пуштиме пругата која што поврзува Куманово – бугарска граница“, вели Заев.

Заев останува на ставот дека проблемот е тоа што Бугарија има техничка влада. Вели дека предлогот од португалското претседателство е реално решение за кое треба да се потрудиме и ние и Бугарија, но дека не треба да се очекува дека ќе биде постигнато решение. Бугарија има желби за разговори и треба тоа да го искористиме.

„Ако се постигне решение, супер, ако не се постигне сигурно ќе е позитивен исчекор кон изнаоѓање решение веднаш штом ќе се формира политичката влада. 6 октомври е закажан Европски совет за Западен Балкан во Словенија,за време на словенското претседателство. Тоа е следна шанса, прва шанса е сега на 22 кога е Советот за општи работи а 24 и 25 има Европски совет“, рече Заев.

На изјавите дека не се спори македонскиот јазик и идентитет се надоврзува и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, но сепак инсистира дека потеклото на Македонија е од Бугарија кои како што тврди биле еден народ.

„Ние не им го спориме сегашниот идентитет и јазик. Договорот говори за заедничка историја на сегашните два народи. Заедничка бугарска историја, не споделена, не испреплетена, туку заедничка на еден и ист етнос во минатото, кој несреќната судбина и големите сили сурово го поделија на почетокот на 20 век.“, напиша Ковачев.

За утрешната посета на Софија на македонската делегација предводена од Заев со свој коментар се јави и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој прашува дали се подготвува ново предавство на квартетот Заев, Бучковски, Османи, Димитров?

„Овој квартет кој државава ја чини многу скапо ќе отпатува со Софија, каде се спремни да дадат бел лист хартија кој бугарските политичари треба да го натоварат со барања, исти онакви какви што се содржани во Бугарската декларација со која се негира јазикот, идентитетот и историјата на Македонија.“, напиша Мицкоски.

Заев заедно со Димитров и Османи, покрај со бугарскиот претседател Радев, е предвидено да се сретнат и со техничкиот премиер Стефан Јанев, а треба да има средба и со поголемите политички партии. Инаку, периодов постои засилена дипломатска офанзива од македонскиот државен врв, како и од високи државни личности од земјите на Европската унија, за изнаоѓање решение за европските интеграции на нашава земја.

ТВ21