МЕТА: АЛБАНИЈА ГО ПОДРЖУВА ДИЈАЛОГОТ КОСОВО – СРБИЈА

0
48

Албанскиот претседател Илир Мета на денешната средба со спикерот на косовскиот парламент Глаук Коњуфца, ја изрази поддршката на Албанија за дијалогот Косово-Србија, за нормализирање на односите меѓу двете земји и ја истакна потребата постигнатите договори да не останат само на хартија, туку да почнат да се спроведуваат. – Многу е важно сите политички сили на Косово да бидат обединети околу сеопфатната платформа во овој процес. Охрабрувам тесна соработка со стратешките партнери, кои одиграа клучна улога во независноста на Косово и неговата меѓународна афирмација, истакна Мета. Исто така, тој додаде дека визната либерализација за граѓаните на Косово е неопходност и посакал да се случи колку е можно побрзо. Коњуфца од своја страна рекол дека е „време за заедничка политика“. – Досега имаме само соработка на ниво на добри соседи, но мислам дека соработката треба да се подигне на друго ниво, а тоа е соработка меѓу две земји со еден народ. Со поделени, фрагментирани гласови доживеавме само штета, и двете наши држави. Косово се соочува со напорите на Србија, кои на крај имаат за цел да го дестабилизираат Косово и да создадат српски територијален ентитет во рамки на Косово, контролиран од Белград, нагласи Коњуфца. Овој став тој го искажал и на средбата со лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, за кого, пак, приортет останува продолжување на меѓународното признавање, членството на Косово во меѓународните институции и успешното завршување на дијалогот меѓу Косово и Србија што подразбира взаемно признавање.

Извор: opserver.mk