МИЦКОСКИ ПРЕДУПРЕДУВА – ЗАЕВ ВОДИ ТАЈНИ ПРЕГОВОРИ ЗА НОВО НАЦИОНАЛНО ПРЕДАВСТВО

0
18

ВМРО ДПМНЕ обвинува дека македонската влада води тајни преговори со официјална Софија за Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со ЕУ. Христијан Мицкоски денеска на својот фејсбук профил напиша дека специјалниот претставник Бучковски во Софија, а премиерот Заев од Скопје, деновиве координираат тајни преговори, со кои според Мицкоски директно ја ставаат земјата во позиција да преговара за македонскиот идентитет и јазик.

– Директно нѐ става во позиција да преговараме за македонскиот идентитет и јазик. Тоа е потег еднаков на предавство на македонскиот народ.Моите информации говорат дека сето ова, дуото Заев-Бучковски планира да биде потпишано од нив, без да има расправа и усвојување на документот во Собранието на Македонија. Да бидеме подготвени за блокади и масовни протести! Нема преминување на црвените линии! Не за уште еден национален пораз! Не во наше име и не за нашата Македонија! – Христијан Мицкоски ВМРО ДПМНЕ.

Премиерот Заев пак денеска пред медиумите рече дека позициите на Скопје во врска со спорот со Софија остануваат исти, односно нема да се разговара за македонскиот јазик и идентитет.

– Мене ми е важно да се охрабрат затоа што уставно имаат можност и за време на техничка влада да донесат одлука, тоа е тоа што го очекуваме. Но секако едно знам, треба да работиме, треба да ги осигураме двете страни дека треба да бидат спокојни за тоа што го поставуваме на маса, за тоа што се договораме. Затоа што на крајот на денот треба да се отворат уште поголеми врати за соработка. – Зоран Заев премиер на РСМ.

Нема гаранција за датум за старт на преговори на Македонија со ЕУ овој јуни , кажа грчкиот европратеник Стелиос Кулоглу во интервју за телевизија 24. Тој вели дека Европарламентот нема разбирање за бугарските барања, а европратениците од Грција ги убедуваат колегите од Бугарија да ја тргнат блокадата од македонските преговори.

– Ова е само на штета на сликата на Бугарија. Ова личи на уцена. Ние не прифаќаме уцени ниту во Европската Унија, ниту во Европскиот Парламент. Сите сме лути и сме против ова однесување од страна на официјална Софија. – Стелиос Кулоглу европратеник Сириза, Грција.

Германскиот Министер за Европа Михаил Рот вчера од Атина , заедно со грчката влада испратија пораки на поддршка за брз старт на преговори на Македонија и Албанија. Во исто време во Софија средбата меѓу бугарскиот претседател Румен Радев и португалскиот колега Де Соуза во Софија не покажа зрак надеж дека Бугарија до крајот на месецов може да ја тргне блокадата за македонските преговори.

24 вести