Москва се соочува со нов агресивен сој на коронавирусот

0
20

Кај речиси 90 отсто од новозаразените со Covid-19 жители на руската престолнија е потврдено присуството на ткн „индиски“ сој на коронавирусот, изјави во петокот московскиот градоначалник Сергеј Собјанин во интервјуто за првиот канал на јавната телевизија.

Собјанин притоа го предупреди московјаните дека новиот сој се шири побрзо и делува поагресивно од „оригиналната“ варијанта на коронавирусот која се појави во декември 2019 година во кинески Вухан, а која досега доминираше во Русија. Мутираниот вид го нарекуваат „делта“, додаде градоначалникот на Москва.

„Најновите податоци кои ги добивме покажуваат дека 89,3 отсто од пациентите (во Москва) се разболеле од мутираниот коронавирус, ткн делта, а станува збор за индискиот сој. Се покажа дека тој е поагресивен, се шири побрзо и многу е тешко човек да му се спротистави. Неговиот имунолошки статус мора да биде речиси двојно поголем отколку во случај на вуханскиот вирус“, рече Собјанин во интервјуто.

Според него, силата на мутираниот сој е причината за „експлозивниот, едноставно огромниот“ раст на хоспитализациите на корона-пациентите во Москва.