НАЈМАЛКУ ШЕСТ ЛИЦА УАПСЕНИ ВО ГОЛЕМА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ЗА АПСЕЊЕ КРИУМЧАРИ НА МИГРАНТИ

0
20

Бројни полициски сили од рано утрово сардисаа 11 објекти во Велес, Скопје, Штип, Струмица и Валандово. Со судски налог, ги претресуваа и ги бараа осомничените криумчари на мигранти.

Уапсени се шестмина, од кои тројца велешани, двајца штипјани и еден жител на Валандово. Во куќа во Велес е уапсено 33 годишно момче со иницијали Р.Џ, осомничен дека бил мозокот на криминалната група.

Тој заедно со две лица од Блискиот Исток организирале криумчарење на мигранти од Авганистан, Пакистан, Сирија и Бангладеш. Мигрантите влегувале на македонска територија од Грција, преку илегални премини во околината на Гевгелија, Струмица и Демир Капија, а од таму, со помош на водичи, мигрантите координирано се доведувале на договорени локации, соопшти полицијата.

При претресите полицијата пронашла дрога, но и пари, мобилни телефони и СИМ картички, кои осомничените ги користеле при криумчарењето мигранти. Освен шестемина уапсени, членови на криминалната група биле уште двајца велешани, еден струмичанец и еден штипјанец, кои во моментов се во затвор.

Полицијата не открива дали овие луѓе од затвор помагале во нелегалниот бизнис. Во последните неколку години полицијата пронаоѓаше мигранти во возила, но многу често возачите успеваа да побегнат. Познавачите на оваа проблематика коментираат дека овие криминални групи често имаат помош од корумпирани полицајци.