РЕГУЛАТОРНА ПОЧНА ПОСТАПКА ЗА ОДЗЕМАЊЕ ЛИЦЕНЦИ ЗА ТРГОВИЈА СО МАЗУТ НА 4 КОМПАНИИ

0
28

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) отпочна постапки за одземање на лиценци за трговија со нафтени деривати, пред сè, на мазут на четири компании, соопшти претседателот на ова тело, Марко Бислимовски, откако вицепремиерот Љупчо Николовски и министерот Крешник Бектеши ги објавија резултатите од контролите што ги направија владините институции.

Причините за почнувањето на овие постапки се што при контролите било утврдено дека ги немаат потребните законски резерви. Сега компаниите во рок од седум дена треба да дадат образложение до РКЕ.

„РКЕ отпочна постапка за одземање лиценци на носители на лиценца за трговија со нафтени деривати, пред сè, на мазут на големо и тоа на: РКМ ДООЕЛ Скопје, Супертрејд, Пертинакс и Лил-оил ДБ Кавадарци поради непоседување оперативни резерви на мазут. Овие неусогласености се нотирани од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и за тоа е известена РКЕ. Значи согласно правилникот за нивото и начинот на пресметка на оперативните резерви овие компании се обврзани да обезбедат петдневни резерви во текот на оваа година во зависност од потрошувачката што ја имале 2020“,

рече Бислимовски.

Фирмата Евротим, пак, рече тој, е под целосен мониторинг и одлука дополнително ќе се донесе. За оваа компанија, претходно министерот Бектеши информираше дека, покрај тоа што немала доволно резерви, утврдени се отстапки од граничните вредности на мазутот што го увезува, односно параметрите за квалитет на мазут не одговарале согласно Правилникот. Двете цистерни, од кои се земени мостри, а не одговарале на вредностите, се вратени кај добавувачот, а дополнително земена е мостра и од складиштето на компанијата за што анализите се очекуваат дополнително.

Во меѓувреме, ДПИ ѝ издаде решение за времена забрана за пуштање во промет на мазут, а Бислимовски вели дека кога ќе ги добие податоците за мострата од складиштето, ќе се донесе одлука.

„Во однос на Евротим, ДПИ има донесено забрана за пуштање во промет на мазутот кој се поседува во нивните резервоари. Пред сè, тоа е направено поради земање мостра од ДПИ. Од издавањето на оваа забрана Евротим е под целосен мониторинг на РКЕ и не смее да врши никакви тргувања со пазарот на големо за мазут. Во оној момент кога ќе ги добиеме податоците за квалитетот на земената мостра, РКЕ ќе продолжи со соодветни постапки согласно своите надлежности утврдени во Законот за енергетика“,

изјави претседателот на РКЕ.

Во однос на чувањето резерви што е законска обврска, Бислимовски вели дека иако многупати известувале, сега ќе преземат конкретни мерки кои ќе значат дека нафтените деривати прво да „влегуваат“ во складовите па потоа да се пуштаат во промет. На тој начин, според него, ќе има и фер конкуренција.

„РКЕ предлага пред да се пушти во промет на кој било нафтен дериват, по влегувањето во државата додека не влезе во складот да не смее да се пушти во внатрешен промет. Тоа е целта на постоењето на складови. На тој начин ќе може сите институции да си направат контрола за тоа што им треба и доколку ги исполнуваат сите услови ќе може да се пуштат во промет и на тој начин ќе немаме проблеми ниту со оперативни резерви ниту со квалитет на кој било нафтен дериват и така сите трговци ќе имаат еднакви услови. Не може некој да ги одржува тие складови, а некој да ги чува само проформа. За тоа имаме известувано многу пати, но сега РКЕ ќе ги преземе сите конкретни мерки кои ги има на располагање“,

изјави Бислимовски.

Извор 360°