Свидетелства – за едни ги нема, за други се наплаќаат!

0
22

Учениците нема да добијат свидетелства затоа што не бил навремено спроведен тендерот за набавка на обрасци е информацијата која деновиве се шири во јавноста и ги вознемирува засегнатите. Се знае само дека свидетелствата навреме ќе ги добијат учениците што завршија деветто одделение и матурантите бидејќи им се потребни за упис во средно училиште и за на факултет. За другите ученици Бирото за развој на образованието дополнително ќе информира кога ќе бидат поделени свидетелствата.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, вели дека во неговото досегашно искуство не се сретнал со ваков проблем. Тој посочува дека соопштението на Бирото за развој на образование дека не можело да се доделат свидетелства поради пандемијата не држи вода. „Изгледа дека се работи за незавршена тендерска документација и ненавремено реализирање на тендерот за печатење на свидетелства. Веројатно институциите на системот затаиле во овој случај. Очигледно е дека има проблем, тоа не е некоја сума на пари која би претставувала проблем за државата, но навистина е невообичаено да не заврши учебната година така како што е пропишано по закон“ вели Неделков.

Сојузот на средношколци, пак, бара Државниот просветен инспекторат јавно да ги објави извештаите од направените инспекции во училиштата за кои имаше тврдења дека на учениците им наплаќале пари за свидетелства. Од Сојузот побараa и од училиштата да им ги вратат парите на учениците, а имаат забелешки и за Бирото за развој на образованието кое годинава не обезбеди навреме свидетелства за сите ученици.

„Некои училишта прават бизнис од јавното образование кое според законот е бесплатно. ДПИ го контактиравме на 14 јуни, а сè уште немаме одговор. Затоа сметаме дека извештаите по ова прашање треба да бидат јавни“, рече новиот лидер на Средношколскиот сојуз, Лука Павичевиќ.

Тој директно им се обрати и на четирите училишта кои на учениците им наплаќале пари за свидетелства. „Вратете ги парите кај учениците зошто само така може да го решите овој проблем. Срамно е да се наплаќаат свидетелства кога било, но, особено во училишна година целосно одржана преку неквалитетна онлајн настава со професори кои беа слабо обучени или воопшто не беа“, истакна тој.