СВР ТЕТОВО – ДА НЕ СЕ ПУКА НА СВАДБИ, ЌЕ СЛЕДУВААТ РИГОРОЗНИ КАЗНИ

0
20

Овој и наредните два месеца, посебно во јули, на поширокото полошко подрачје веќе се закажани и ќе бидат организирани голем број свадбени и други свечености. Ваквите свечености минатите години, неретко се карактеризираа  и со повремени нарушувања на јавниот ред и мир со пукање од огнено оружје или  неовластено приредување огномети, односно употреба на разновидни пиротехнички средства, кои беа законски санкционирани.

Со цел навреме да се превенираат и ефикасно да се спречат овие појави,  Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до граѓаните да се воздржат од пукање со оружје, како и од неовластено организирање огномети.

Секторот за внатрешни работи Тетово потсетува дека пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а глобата за ваков вид прекршок се движи од 200 до 500 евра (член 31), а зависно од последиците, може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик).

На граѓаните, исто така, им се укажува дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а  организаторите навреме да ги преземат пропишаните превентивни мерки.

Секторот за внатрешни работи Тетово во месеците кои претстојат, во значителна мерка ќе ги засили контролните активности на планот на откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир и конкретно и ефикасно ќе постапува.