Со изложба на слики означен крајот на проектот „Стоп на говорот на омраза

0
17

Со доделување на сертификати и изложба на слики изработени од ученици, беше означен крајот на проектот „Стоп на говорот на омраза“, чиј носител е Отсекот за превенција на СВР Тетово.

Завршната активност се одржа во амфитеатарот покрај десниот брег на Вардар, каде гостиварци може да ги видат делата на средношколците кои пренесуваат порака за запирање на ширењето на говорот на омраза.

Овој проект, Отсекот за превенција го спроведува трета година по ред во соработка со ОБСЕ и гостиварската локална самоуправа и со него беа опфатени околу 3.000 ученици од прва година од тетовските и гостиварските средни училишта кои посетуваат настава на македонски, албански и турски јазик.

Преку предавања во средните училишта, првокласниците од страна на полициски службеници на СВР Тетово стручно оспособени за таа тема, се запознаа што претставува говорот на омраза. Како може да се препознае, како се манифестира и кои се општествените последици, рече портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски

На предавањата младите беа подучени како да прават разлика што е говор на омраза, а што е слобода на изразување пред сè, на социјалните мрежи и воопшто во комуникацијата со нивните врсници и повозрасни лица.

Целта на проектот е преку предавања и други форми да им се укаже на младите повеќе да го преферираат почитувањето на различностите меѓу врсниците, различности од етничка, социјална, полова, расна и друга природа.

Учениците кои ги насликаа делата и ментори од организаторите симболични подароци како знак на благодарност за нивниот ангажман и вклученост во проектот.