Сточарите оставени на милост и немилост, уште чекаат исплата на субвенциите за 2020 година

0
16

Сточарите од Кичевско, но и од други региони во земјава се уште ги немаат добиено субвенциите за минатата 2020 година, а веќе календарски изминува шестиот месец од 2021 година.

Во неколку наврати се најавуваше дека субвенциите ќе бидат исплатени најпрво во март или април, потоа во мај или јуни, но и по измината половина година, субвенциите за 2020 ги немаат добиено, изјави за МИА претседателот на Здружението на сточари од овој регион, Ајрадин Бајрами.

Иако во повеќе наврати ветуваа дека наскоро ќе бидат исплатени субвенциите за женското јагне и овца, сепак и до ден денес од ветените субвенции за 2020 година нема ништо. Ни многуте контакти не вродија со плод и ние остануваме пократки за планираните субвенции, кои за годинава требаше да изнесуваат 2400 денари за женско јагне и 1000 денари за овца, вели Бајрами.

Додаде дека работите се одвиваат се понеповолно и на нивна штета, нивниот труд се помалку се вреднува, а обврските што ги имаат се повеќе и повеќе се зголемуваат.

Ние сточарите за оваа година го продадовме јагнето по многу ниска цена од 135-140 жива мера и кога ни останаа само десетина проценти од зимското јагне, цената скокна на 170-180 денари, што значи дека нашето јагне беше ниско вреднувано, а во исто време цената на храната како зрнеста, зоб и сено, бележеа рапиден скок, а ние се повеќе сиромашевме, додаде Бајрами.

Најави дека сточарите се намера наскоро да ги блокираат патиштата и да излезат пред Влада, ако не им се исплатат субвенциите до крајот на овој месец.

Ако до крајот на јуни не ни се исплатат субвенциите за ситен и крупен добиток, во намера сме да ги блокираме патиштата и да протестираме пред Влада со што сакаме уште еднаш да ги актуелизираме проблемите со кои се соочуваме и да и дадеме поттик на Владата и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, конечно да ги исполни своите обврски. Во спротивно бројноста на матичните стада ќе се намалува и за десеттина години, ако вака продолжи, нивниот број ќе биде преполовен, истакна претседателот Бајрами.