Турција планира да стане вселенска сила и во рок од пет години да прати летало на Месечината

0
58

Турција има намера да испрати ровер на Месечината до крајот на оваа деценија користејќи домашен ракетен мотор, кој треба да се тестира во 2023 година на пробен лет кон Месечината.

Претседателот на Турската вселенска агенција (ТУА) Сердар Хусеин Јилдирим во вторникот во Санкт Петербург на Глобалната конференција за истражување на вселената (ГЛЕКС) 2021 , зборуваше за плановите за нивната вселенска програма.

Роверот, според Јилдирим, треба да биде лансиран во 2028 или 2029 година, да слета на Месечината и да спроведе истражување на површината, пишува Space.com.

Ракетата што ќе го донесе роверот на Месечината треба да биде од домашно производство, односно ќе има мотор кој во моментов се развива во Турција. Со цел властите да ја осигурат исправноста на моторот, тие ќе испратат прототип на ракетата на Месечината на крајот на 2023 година, доколку сè оди според планот.

“Имаме намера да стигнеме до Месечината со сопствен мотор. Но, во првата фаза, со меѓународна соработка, ќе го донесеме леталото во ниската орбита на Земјата”, рече Јилдирим.

Според турската новинска агенција Анадолија, мисијата 2023 година ќе изврши тврдо слетување, што ќе им овозможи на турските инженери да соберат податоци за успешно спроведување на мекото слетување кон крајот на 2020-тите.

Тврдото слетување се однесува на слетување на површината, што предизвикува значителна штета на леталото и што често резултира со губење на контактот. Овој тип на слетување може да биде намерен или планиран, но може да биде и неуспешен обид за меко слетување.

Турција, исто така, планира да испрати 30 астронаути до Меѓународната вселенска станица (ISS) во наредните години за таму да спроведат научни експерименти.

Националната вселенска програма на Турција, предвидува воспоставување на локален турски вселенски космодром и развој на домашен регионален систем за позиционирање на сателити. Сè уште не е познато колкав дел од буџетот ќе биде наменет за вселенската програма.

Во случај успешно да испрати летало на Месечината, Турција ќе се приклучи на ексклузивниот клуб од само неколку земји кои успеале да испратат ракета на Месечината.

Турција ја основала својата вселенска агенција во 2018 година