УЕФА ЌЕ СПРОВЕДЕ ИСТРАГА ЗА ОДНЕСУВАЊЕТО НА АРНАУТОВИЌ

0
19

Дисциплинската постапка ја побара ФФМ откако Арнаутовиќ, по постигнувањето гол во 89. минута, со што Австрија поведе со 3:1, започна да го навредува Алиоски, додека неговите соиграчи се обидуваа да го смират. Арнаутовиќ вчера се извини, прво на социјалните мрежи, на македонски и на албански јазик, а потоа и на прес-конференција

 

УЕФА денеска објави дека назначила инспектор за дисциплински и етички прашања да спроведе истрага за однесувањето на австрискиот репрезентативец Марко Арнаутовиќ, кој за време на натпреварот на нашата репрезентација и Австрија го навредуваше нашиот фудбалски репрезентативец Езгијан Алиоски.

Како што се вели во соопштението од УЕФА, истрагата е врз основа на членот 31/4 од Дисциплинската регулатива на УЕФА.

„Во согласност со членот 31/4 од Дисциплинската регулатива на УЕФА, назначен е инспектор за етички и дисциплински работи за да спроведе истрага во врска со инцидентот во кој е вклучен играчот Марко Арнаутовиќ, кој се случил за време на  натпреварот од групната фаза на Европското првенство 2020 меѓу репрезентациите на Австрија и Северна Македонија на 13 јуни 2021“,

се вели во информацијата од УЕФА. 

Дисциплинската постапка ја побара ФФМ откако Арнаутовиќ, по постигнувањето гол во 89. минута, со што Австрија поведе со 3:1, започна да го навредува Алиоски, додека неговите соиграчи се обидуваа да го смират. Арнаутовиќ вчера се извини, прво на социјалните мрежи, на македонски и на албански јазик, а потоа и на прес-конференција.

„Имаше вербална расправија од двете страни“,

рекол Арнаутовиќ на прес-конференцијата, на која не било планирано тој да им се обрати на новинарите.

Тој решил да дојде на пресот за да објасни дека она што се случило немало врска со политиката или расизмот.

„Имам пријатели насекаде низ светот“,

рекол Арнаутовиќ признавајќи дека прославата на голот не била примерна.

„Се радував и секако дека паднаа некои зборови што ме заболеа. Тоа беше емоционална расправија. Можам да им кажам дека ми е жал на сите оние што почувствуваа дека се навредени. Сакам да го заборавиме тоа што се случи, на такви работи не им е местото во фудбалот“,

рекол австрискиот репрезентативец.

Извор 360°