ДЕВЕТИ ВИКЕНД НА ГОРДОСТА ВО СКОПЈЕ

0
34

Деветтиот по ред Викенд на гордоста – Скопје, фестивал за квир култура, уметност и теорија ќе се одржи од денеска до 9 јуни во Музејот на современа уметност, КСП Јадро и кафе барот Шортбас.

 

Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот, како што посочуваат организаторите е „Настрано Заедничко: Политики на пријателство, љубов и афекти“. – Со оваа тема целиме да ги поставиме во центарот на квир политичките, социјални и културни ориентации прашањата поврзани со мислењето, дистрибуцијата и втемелувањата на заедничкото и заедничките добра (the common/s).

На заедничкото и заедничките добра ќе им пристапиме преку критичко истражување на нормативните претпоставки за пријателство, љубовта и емоциите врамени во хегемонската хетеронормативност и машките политички имагинации, како и нивните импликации за нашите социо-политички хоризонти, наведуваат во соопштението. Фестивалот, додаваат, се стреми да понуди и алтернативни форми на замислување, пракса и отелотворување на заедничкото и политиките на пријателство и љубов, тргнувајќи токму од структурната позиција на маргините, како и социо-културни и интимни практики и инфраструктури за грижа, поддршка и заедничарење во квир и феминистички заедници и мрежи.

Овогодинашниот фестивал ќе биде отворен во 20:30 часот во МСУ со ретроспективна изложба „Заслепен од Љубов“ на уметникот Франко Б. Публиката, како што најавува тимот Викендот на гордоста Скопје 2021, ќе може да го проследи и најновиот перформанс на Нао Бустаманте (САД), легендарна латино уметница, чии дела опфаќаат перформанси, видео инсталација, кинематографија, скулптура и пишување, а во Скопје ќе настапи заедно со Маркус Куиланд Назарио (САД).