Министерката за образование Мила Царовска очекува дека на 1 септември училиштата ќе бидат полни со ученици. Наставата со физичко присуство ќе се реализира доколку епидемиолошката состојба остане стабилна како што е во моментот. Во случај дa се влоши, ќе бидат разгледани другите две резервни сценарија кои веќе ги одобри Владата.
Царовска не прецизираше кога предлог-закон за учебници кој пред извесно време беше повлечен од процедура, би се вратил во собраниска процедура. Тој е на јавна дебата на електронскиот регистар ЕНЕР каде граѓаните можат да дадат свои коментари и забелешки.
Сепак, од Министерството за образование велат дека новиот концепт во образованието мора да се спроведува од следнава учебна година. И покрај тоа што законските измени за учебниците не беа усвоени, МОН веќе подготвува наставни програми и материјали врз основа на новиот образовен концепт кој беше усвоен во Владата пред неколку месеци.
Алсат-М