Еве колку заработи АстраЗенека од продажбата на своите вакцини во вториот квартал

Компанијата АстраЗенека (AstraZeneca) заработи приближно 900 милиони американски долари од продажба на нејзините вакцини против КОВИД-19 во вториот квартал, што е многу помалку од американскиот ривал „Фајзер“, кој инкасираше 7,8 милијарди долари од продажбата на неговата поскапа вакцина во истиот период, објави Фајненшл тајмс. (ФТ) .

Англо-шведската фармацевтска група, исто така, во соопштението наведува дека инвестициите во нивната вакцина ја намалиле заработката.

Имено, добивката на компанијата потфрли во вториот квартал во споредба со очекувањата на аналитичарите, при што заработката од основната дејност достигна 90 центи по акција, во споредба со прогнозата на економистите дека ќе изнесува 92 центи.

Трошоците за истражување и развој, главно насочени кон корона вакцината, пораснаа за 28 проценти.

Сепак, вкупните приходи од сите активности на оваа фармацевтска компанија ги надминаа очекувањата и изнесуваат 8,2 милијарди американски долари во извештајниот квартал, што е за 31 отсто повеќе отколку во истиот период претходната година, поттикнато од растот на продажбата на пазарите во развој и бизнисот на секторот онкологија.

Производителот на лекови, исто така, денеска повтори дека го одложува аплицирањето за добивање лиценца за вакцина против корона во САД за втората половина од годината, бидејќи собира дополнителни податоци за поднесување на апликацијата.

АстраЗенека и нејзиниот индиски партнер во производството велат дека доставиле милијарда дози вакцина во 170 земји досега.

Компанијата се надева дека ќе ги зголеми приходите до крајот на оваа година со неодамнешното купување на производителот на лекови за ретки болести, Алексион, и предвидува профит од 5,05 до 5,40 долари по акција.

Претходно АстраЗенека објави дека ги разгледува своите можности во врска со идниот бизнис со вакцини против КОВИД -19 и очекува појасна ситуација по тоа прашање до крајот на годината.

„Истражуваме различни опции“, рече високиот извршен директор на АстраЗенека, Руд Добер, пренесе Ројтерс.

Тој објасни дека до крајот на годината, ситуацијата за ова големо стратешко прашање ќе биде појасна и дека во моментов се дискутира дали бизнисот со вакцини е одржлив за АстраЗенека во следните пет или 10 години.