На кафе во срцето на градот со Дино Блажески

0
74

Дино е млад тетовец, амбициозен човек со идеи од кои произлегува добрина на нивото на целиот град. Неговата идеја сјае и е поддржана и надвор од земјата. Поддршката и интересот на секој поединец, најпрво жител на градот Тетово иако единечно мала може да придонесе колективно многу.Глас.мк направи интервју со Блажески

Како ја доби идејата за да ја поттикнеш актуелната иницјатива?
-Некој ако ми речеше Дино земи го проектов и истерај го ќе речев не. Ама кога ќе подразмислиш и ќе видиш како се функционира овде кај нас, со потешкотии, токму тоа ми прави ќеиф. Сакам да биде потешко, не сакам кога е лесно.

Кале за тебе е?
-Кале увек ќе биде интересно.
-Искрено многу ми значи кале. Дедо ми е роден во Лавце, кале ми е како дома заедно со целото детство. Но и покрај тоа ако веќе ме прашуваш зошто кале, би рекол затоа што на кале се нема ништо случено во последните дваесет години и мислам дека е време.

Кому точно му припаѓа просторот?
-Земјиштето и припаѓа на црквата, додека објектите се државни и заштитени од министерството за култура.

Што и смета на патот на иницијативата најмногу?
-Политичката волја и расположението на граѓаните.

Каде достигна најголема популарност идејата?
-Покрај републиката, швајцарската агенција за развој и соработка. Овој целиот проект е плод на нивната програма која што опфати конкурс со теми за уникатна локална иницијатива. И овој проект го поддржува швајцарската агенција, всушност.

Зошто точно кале?
-Кале припаѓа на културно-историскиот сегмент од живеењето. А културата и историјата колку и да ги разглобуваш секогаш ќе биде поскаувана тема за разговор, тоа е токму тоа вистинското кое ја прави иницијативата интересна и корисна. Мислам дека тоа беше пресудно за да одма биде прифатена.

Што беше следно?
-После формирањето на костурот на иницијативата сето тоа требаше да се преточи во една проектна рамка која за потребите на истата беа и доделени финансиски средства. Една од првите активности беше и изработката на анализите. Правна (каде, кога и кому треба да се обратиме), финансиска (кој ќе го финансира проектот) и компаративна анализа во однос на тоа каде постои слична иницјатива. Во последниот месец правната анализа е завршена.

Од кого се е потребна поддршка?
-Граѓаните пред се, институциите, политичките партии, од државата генерално.
Во секој случај морам за време на целиот процес да разговарам со сите засегнати страни во градов како што се: музејот на град Тетово, министерството за култура и заводот за заштита на културните споменици, тука во некој моменти спаѓа и комисија за односи помеѓу верските заедници, црквата како и општината.

Најпозитивното нешто од сето ова?
-Иницијативата е отворена како проект на обединување без разлика на националноста, верата и партиската припадност. Плус, со реализација на оваа иницијатива сите добиваме простор за културно и уметничко изразување на неверојатна локација.

Што те изненади најмногу откако јавно ја претстави својата идеја?
-Искрено, не очекував дека ќе наиде на толкаво одобрување. Ми се случува да се движам во градот и луѓе да ме запрашаат како оди со иницијативата или едноставно ја поздравуваат истата.

Што прво би сакал да видиш горе на сцената?
-Театарска претстава која би се изведувала од страна на двата театри кои функционираат на територијата на општина Тетово.

Има два објекти. Едниот ќе има сцена, а другиот ќе биде?
-Галерија. Во едниот ќе има мала сцена и ќе опфаќа разни културни настани.

Колку веруваш дека е изводлива оваа идеја?
-Се е изводливо ако навистина го сакаш тоа.
Отворените сцени мислам дека ќе бидат проблем, но малата сцена внатре реално има најголеми шанси за нејзина реализација, сепак поддржувам секакви предлози и длабоко верувам дека ќе успееме.
Пред некое време се случи луѓе кои на овој или на оној начин се бават со музика да пријдат и побараат од мене да направиме некаков предлог за свирка токму на Тетовското Кале, мислам дека тоа кажува се.

Што би променил прво кога би имал прилика уште веднаш?
-Дефинитивно првичната идеја на иницијативата би ја реализирал веднаш иако мислам дека по некоја логика е полесно кога првенствено би пробал со уредување на надворешниот дел но во овој случај надворешниот дел во суштина го претставува потешкото бидејќи покрај политичката волја и расположението на народот тука се прашуваат и сопствениците на земјиштето односно МПЦ како и општината кога би зборувале за патната инфраструктура.
Факт е дека Тетово нема тематски парк, а ова место на тетовското Кале би било одлична инвестиција на идеална местоположба.

Што е следното со што би започнал да се занимаваш во градот?
-Би обрнал внимание на туризмот во градот кој е во многу лоша ситуација сега. Да речеме некој доаѓа од странство и сака да види нешто од Тетово. Би вложил во тоа да му покажеме што повеќе и поголем дел од нашите знаменитости. Тетово нема туристички инфо центар. Би работел на тоа.

Следните отворени дискусии во однос на иницијативата ќе бидат одржани после одморите кон крајот на август. Поддржете ја иницијативата!

Ангела Бошкоска