Албанските партии против интерпелација на Џафери

0
19

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми денеска изјави дека интерпелацијата поднесена за претседателот на Собранието Талат Џафери од нејзините подносители има дневно политички цели и ДУИ нема да ја поддржи.

„Доколку претседателот на Собранието Талат Џафери во странство зборуваше на англиски јазик, дали би го прекршил Уставот? Ако зборуваше на англиски јазик никој ништо овде немаше да каже. Сега, бидејќи зборувал на албански јазик, изгледа како тоа некому тоа да му пречи, а всушност и не му пречи, туку само бара дневно – политички поени“, рече Адеми.

Пратеникот од Алијанса за Албанците Халил Снопче изјави дека албанската опозиција нема ја поддржи интерпелацијата за Џафери, поднесена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица. АА и Алтернатива, како што кажа, имаат многу забелешки за работата на Џафери, но оваа интерпелација е неоснована.

„Aлбанскиот јазик во Собранието е преведуван јазик. Ние, пратениците Албанци, не можеме само на албански јазик да поднесеме амандмани. Претедателот на Парламентот материјалите од министерствата често ги прима само на македонски јазик, па потоа ги преведуваат службите. Дипломатскиот кор е многу повнимателен, секогаш се обезбедува превод, покрај на македонски јазик и на албански јазик. Употребата на албанскиот јазик е биолошко право,“ рече Снопче.

Левица и ВМРО-ДПМНЕ вчера поднесоа барање за интерпелација на Џафери откако тој на состанок во ЕП се обрати на албански јазик, а причини се и преводи во Собранието и седницата на која гласаа двајца пратеници заболени од Ковид облечени во скафандери.