Заев: Ние сме како остров во ЕУ – Македонија и Грција со договор за интерконектор за природен гас

0
16

Премиерот Заев на обраќањето на конференцијата на „Економист“ во Атина, на тема  „Од социјално дистанцирање до социјална солидарност“, ја нагласи важноста на регионалната и економската соработка, а се задржа и на Договорот што денеска се потпиша меѓу Македонија и Грција за интерконекторот за природен гас.

„Тоа е еден многу голем проект од околу 100 милиони евра, 54 милиони евра се во Северна Македонија. Тоа е интерконектор за природен гас што отвора огромна можност не само за Северна Македонија, туку и за Србија, Косово, Западен Балкан и други земји што конечно ќе донесе диверзификација на природен гас“, истакна Зоран Заев.

Заев не ја пропушти можноста да зборува и за посветеноста на земјава и потребата од почеток на преговорите со Европската унија како и за соработката на земјите од регионов. Ние сме како остров опколен од ЕУ земји и потребна е унификација на Унијата, рече премиерот

„Сега се обидуваме да отвориме нови зелени коридори со нашите соседни земји. Многу сум среќен бидејќи Грција е првата земја што ги отвори овие зелени коридори со нас како земја членка на Европската Унија, бидејќи ние сме опколени од земји членки на ЕУ. Ние сме како остров во средина. И многу сум благодарен што премиерот Мицотакис го направи првиот чекор да го отвори првиот грчки коридор и да ги охрабри другите земји членки да го следат неговиот пример, примерот на Грција“, посочи Зоран Заев.

На панел дискусија обраќања имаа и премиерот на Албанија Еди Рама, на Косово, Албин Курти, како и поранешната претседателка на Хрватска Колинда Грабар Китаровиќ. На маргините на конференција Заев имаше средби и разговори со значајни дипломатски личности, меѓу кои и со американскиот амбасадор во Грција Џефри Пајат, како и со Дејвид Харис, извршен директор на Американскиот еврејски комитет.