За ВМРО-ДПМНЕ предложените кандидати за градоначалници на власта се истрошени кадри, СДСМ тврди дека се најдобрите

0
20

Никој сериозен не се нафаќа да биде кандидат за градоначалник на СДСМ и затоа од партијата предлагаат стари и истрошени кадри, кои во претходниот мандат не го исполниле ветеното. Вака опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја коментира листата кандидати, што синоќа ја објави владејачката СДСМ.

„СДСМ вчера за втор мандат го предложи најнеспособниот градоначалник кој Скопје некогаш го имало. Заев во Кисела Вода го предлага Филип Темелковски, кој тргна во насилна бетонизација на населбата Расадник, а во исто време една уличка, тротоар или канализациска линија нема направено. Заев како кандидат за Лозово го предлага Ацо Велковски, кој цела држава го виде како врши мобинг и дискриминација, но и го виде како зема плата како градоначалник, а половина година ја поминува во Германија. За кандидат за градоначалник за Охрид СДСМ го предлага стариот Константин Георгиевски, кој не може да се справи со урбаната мафија и кој нема ниту еден проект”, вели Миле Лефков, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Од штабот на Бихаќка сметаат дека излегуваат со најдобрите за секоја општина. Велат дека кадровската понуда ја креираат заедно со граѓаните, што според нив е доказ дека народот ги препознаваат вистинските политики.

„ВМРО-ДПМНЕ нема кандидати за претстојните локални избори, никој не сака да соработува со лузери, на кои граѓаните на сите избори во изминатите четири години им испорачуваа само порази. Кај граѓаните одамна не минуваат лагите, блокадите и опструкциите од Белата палата, граѓаните сакаат резултати, посветена работа за решавање на нивните проблеми, за унапредување на државата, подобрување на животниот стандард, повисоки плати. Затоа ВМРО-ДПМНЕ уште долго ќе остане во опозиција”, пишува во реакцијата на СДСМ.

Партијата вчера објави 30 имиња со кои ќе настапи на локалните избори во октомври. Останатите кандидати за градоначалници СДСМ ќе ги објави до крајот на август.