Нуредини: Преговараме со концесионерите да не се градат мали хидроцентрали на Шара

0
14

Искусни ренџери ќе го чуваат Националниот парк Шар Планина и ќе се грижат за заштита на природните богатства и живиот свет, најави денеска министерот за животна средина Насер Нуредини и посочи дека активно се преговара во заштитениот дел да не се градат нови мали хидроцентрали. Јавната установа за управување со заштитеното подрачје треба да се формира за три месеци, а на Планот за управување ќе се работи една година. По изгласувањето на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II, односно за Национален парк, од страна на пратениците во Собранието, оваа недела претседателот Пендаровски го потпиша и указот, со што нашата држава и официјално го доби четвртиот национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и прв од прогласувањето на независноста.

Прогласувањето на дел од планината за заштитено подрачје, министерот Нуредини смета дека е голема победа и дека ќе обезбеди големи придобивки не само за природата, туку и за генерациите кои доаѓаат. Овој предел е ризница на биодиверзитетот и дом на богат растителен и животински свет.

Ова е историски чекор за земјата и за иднината на сите граѓани. Ова е тоа што значи зелената агенда и европскиот зелен договор во пракса. Чување на природните вредности кои ги имаме, но истовремено креирање на економски можности за развој на одржлив начин што ќе креира и зелени работни места“, вели Нуредини.

Сите дозволени и забранети активности ќе се утврдуваат во следниот период, а ќе бидат составен дел од Планот за управување. На него веќе се работи и обезбедени се средства и меѓународни експерти од Меѓународната унија за заштита на природата IUCN, преку Програмата за заштита на природата на Обединетите Нации. Тие веќе работат на терен, со локалното население, со економските субјекти, со цел изнаоѓање на најдоброто решение. Процесот на донесување на Планот за управување, исто така предвидува јавни расправи и ќе биде обезбеден инклузивен и транспарентен за сите засегнати страни.

Меѓу важните аспекти за заштита на Шар Планина беа посочени и прекинот на градењето на мали хидроцентрали и решавањето на проблемот со дивоградбите. Според Нуредини, во тек се преговори со концесионерите во кои ќе се прават напори тие да се откажат од изградбата на енергетските објекти.

„Постојат седум одлуки на Владата за доделување на концесии на Шар Планина. Досега имавме неколку неформални разговори со концесионерите за да започнат преговори и се надевам дека наскоро ќе имаме и формален договор за да се повлечат. На пример, се повлекува концесионерот од Лешница, но во преговори сме и со останатите. Се грижиме и за природата, но истовремено и за државниот буџет и да немаме трошоци. Во текот на следната година дефинитивно ќе треба да се знае кои концесионери ќе се повлечат или ќе почнат да градат. Исто така имаме и одлуки за некои од хидроцентралите кои се започнати, еден од концесионерите е подготвен да се повлече, а со другиот се надеваме дека ќе најдеме заеднички јазик. Штом имаме повеќе информации ќе ја информираме јавноста“, вели Нуредини.

Што се однесува до дивоградбите, тие, според Нуредини, и понатаму остануваат нелегални. Целта на целиот процес кој траеше две години, до усвојувањето на законот, смета министерот, не беше да само да се заштити Шара туку и да се обезбеди координација на општините во регионот со централната власт во врска со важните прашања како што се дивоградбите.

Вкупната површина на Националниот парк Шар Планина изнесува 62.705 хектари, што претставува 13,2 отсто од севкупната територија на Македонија. Во него ќе има неколку зони, на строга заштита, за активно управување, за одржливо користење и заштитен појас. Зоната за строга заштита е дел со највисок интерес за заштитата, што се карактеризира со изворни, неизменети карактеристики на екосистемите или има сосема мали промени како резултат на традиционални управувачки практики. Вкупната површина на зоната за строга заштита на националниот парк Шар Планина изнесува 17.978 хектари или 26,5 проценти од вкупната површина на паркот. Во зоната за строга заштита забрането e спроведување на активности со кои се загрозува изворноста на природата и нарушува природната рамнотежа. Министерот Нуредини најави дека е предвиден и заштитен појас на Попова Шапка, во кој ќе се обезбеди одржлив развој на скијачкиот центар.

„Националниот парк ќе биде добра основа за креирање на локални брендови за локална храна, угостителски објекти и туристички пакети со што ќе се зголеми продажната моќ на регионот и ќе се поттикне развој на туризмот во сите негови форми. Прогласувањето на националниот парк ќе ги помогне и ќе ги зајакне земјоделските активности, а се очекуваат бројни проекти со меѓународна поддршка и услови за нови вработувања и генерирање на приходи“, смета Нуредини.

Мета