Северен тек 2: САД и Германија ги закопаа секирите

0
19

По долгогодишен спор, САД и Германија постигнаа договор во конфликтот околу германско – рускиот гасовод Северен тек 2. Деталите од договорот ќе бидат претставени оваа среда изјави високиот американски дипломат, Викторија Њуланд на сослушување во Конгресот во Вашингтон. Потврда за постигнатиот компромис има и од Берлин. Рускиот природен гас наскоро ќе протече преку гасоводот кон Германија со што ќе се осигура енергетското снабдување на Европа, сепак заобиколувајќи ја Украина која зависи од приходите од транзитот на гас.

Њуланд рече дека Германија се обврзала да „преземе мерки“ доколку Русија се обиде „да ја искористи енергијата како оружје за понатамошни агресивни дејствија против Украина“. Не се исклучени ниту санкции. Паралелно на ова и во следните десет години мора да продолжи преносот на руски гас низ Украина. Двете страни сакаат да го продолжат соодветниот договор за транзит. Дополнително ќе се работи и на тоа да се намали зависноста на Украина од рускиот гас и приходите од транзитот низ украинска територија.

Критики од Киев

Веднаш стигнаа критики од Украина. Од канцеларијата на претседателот Володимир Зеленски се вели: „Одлуката за Северен тек 2 не може да се донесе зад грб на сите оние кои се загрозени од него.“ Разјаснување може да следи само на лична средба меѓу Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден, која според Белата куќа е планирана за крајот на август.

-повеќе:

Дали Газпром ѝ покажува мускули на Европа?

Северен тек 2: Повиците за запирање на изградбата му помагаат само на Путин

Кому всушност му е потребен „Северен тек 2“?

Од друга страна од Москва пристигнаа пофалби. „Овој договор ни дава шанса спокојно да ја завршиме изградбата на Северен тек 2 и целосно да го ставиме во погон,“ изјави Владимир Џабаров од Советот на федерацијата, Горниот дом на рускиот парламент. Истовремено тој ги постави условите за можно продолжување на договорот за транзит – Украина мора да се покаже како „конструктивен партнер“, вели тој.