Француска студија: Делта-сојот е отпорен на една доза од вакцините

0
70

Делта-сојот на коронавирусот, кој се шири побрзо од претходните варијанти, може да биде отпорен на некои третмани со антитела, па дури и на делумна вакцинација, покажа студија на Францускиот институт Пастер.

 

Истражувачите тестирале крв на луѓе што претходно биле заразени со ковид, како и на оние што примиле само една доза вакцина на Фајзер или Астразенека, и заклучиле дека овој вид заштита не е доволен за неутрализирање на овој сој.

Сепак, само по две дози вакцина, се успеа овој сој да се „нокаутира“, покажаа резултатите од истражувањето објавено во списанието „Природа“.

Оливие Шварц, авторот на студијата и раководител на одделот за вируси и имунитет на францускиот институт Пастер, изјави дека резултатите од студијата ги објаснуваат причините за зголемено пренесување на делта-сојот, особено во делумно невакцинираните земји.

„Докажавме дека зголемената преносливост на делта-сојот е поврзана со делумна отпорност кон неутрализирачките антитела“, рече Шварц.

Делта-сојот ги загрижи здравствените власти со можноста за брзо ширење. Првпат беше идентификуван во Индија и се прошири во повеќе од 90 други земји.

„Оваа студија покажува зошто вакцинацијата има заштитна улога против делта-сојот дури по две дози вакцина. Една доза вакцина не активира доволни количества неутрализирачки антитела“, рече Шварц.

Во споредба со алфа-сојот, кој првпат беше откриен во Обединетото Кралство, делтата е четири пати помалку чувствителна на антителата во крвта на луѓето што оздравеле од ковид и до 12 месеци по нивната инфекција.

Поединци што примиле само една инјекција од вакцина на Фајзер или Астразенека биле или слабо или воопшто не биле заштитени ниту од делта ниту од бета-сојот, кој првпат беше откриен во Јужна Африка.

Сепак, со втората доза вакцина, одговорот на неутрализирачките антитела бил 95%, покажа студијата.

Покрај тоа, антителата произведени од вакцините биле три до пет пати помалку ефикасни против делта-сојот, во споредба со алфа и бета-соевите на вирусот.

Мкд.мк