Aпел до УНЕСКО: Владите спијат, Охридскиот регион да се стави на листата на загрозено наследство!

0
34
Church St. John/Jovan Kaneo at the top of the hill in Ohrid lake, Macedonia

Вкупно 34 организации од Македонија и Албанија се потписници на писмото упатено на адресата на УНЕСКО, со кое бараат Охридскиот регион да се стави на Листата на светски наследства во опасност. Тие сметаат дека владите на двете држави „спијат“, што резултира со лошата состојба на која укажуваат и извештаите на светската организација упатени до властите на двете држави.

„За жал, алармот во 2019 не ги разбуди нашите влади, и дополнителното време кое го добија од Комитетот за светско наследство за да ги спроведат препораките и неопходните мерки за заштита го искористија за нови планови за урбанизација, поволности за нелегалните градби маскирани со неколку симболични отстранувања на привремени конструкции, продолжување на неефикасното управување и неефикасната законска заштита, прекршувања на постојните закони, чекори кон реализација на плановите за „Коридор 8“, без никаква анализа на алтернативни рути, празни и чисто формални одлуки кои навидум ги спроведуваат препораките, а во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето…“, се вели меѓу другото во апелот до Комитетот.

Во него граѓанскиот сектор изразува загриженост за состојбата на Охридскиот регион, која, како што велат, не е последица на војна или природна катастрофа туку на управувањето со наследството од страна на локалните и централните власти на двете држави. Потписниците на писмото се посебно загрижени и од продолжувањето на процесите за урбанизација дури и по предупредувањето на Мисијата од јануари 2020 година дека тековните и планираните модификации забрзано ја водат веќе ранливата состојба до точка по која нема враќање.

„Сите урбанистички планови иницирани по мисијата во 2020 и сите неспроведени, а неопходни активности (како процена на влијанието врз животната средина на дивоградбите и уривање на објектите со негативно влијание), недвосмислено покажуваат дека нашите локални и централни власти продолжуваат по истиот пат кој го доведе светското наследство во сегашната лоша состојба, целосно свесни дека тоа е пат кој води до можно неповратно губење на непроценливо богатство кое му припаѓа на целиот свет и на сите идни генерации“, велат од Здружението Фронт 21/42, кое е еден од потписниците на апелот.