Eпидемиолог д-р Сашо Олумчев: Таргет на делта сојот кој е за 70 отсто позаразен ќе бидат децата до 14 години

0
19

Според доктор епидемиолог Сашко Олумчев, од Институтот за јавно здравје Велес, од делта сојот ќе се заштитиме само со вакцинација и почитување на мерките. Според Олумчев, целокупната ситуација околу делта сојот, во идниот период ќе ја комплицира фактот што нареден таргет на овој сој ќе бидат децата до 14 години, за кои досега нема дизајнирано валидна вакцина, и кои ќе заболуваат наредните месеци. Тој смета дека ако расте бројот на заразени во август, школската година да се одложи за еден месец.

Mоменталната епидемиолошка ситуација во регионот кој го покрива нашиот Институт за јавно здравје е стабилна, смета доктор епидемиолог Сашко Олумчев од Институтот за јавно здравје Велес, подрачна единица Гевгелија.

-Тоа се должи, пред сè на вакцинираните лица кои се на завидно ниво и кои се вакцинираа во Гевгелија, Кавадарци, Скопје, како и на евидентираните до сега 2.200 инфицирани пациенти од ковид-19. Ако оваа бројка ја помножиме со два, вели Олумчев и дополнува дека доаѓаме до една респектабилна бројка на вакцинирани и прележани граѓани кои може да го подигнат природниот имунитет на нашето подрачје.

Според него во моментов сме во исчекување на она што ќе се случува со делта сојот.

-Моите прогнози, кои ги искажав уште пред два месеци, се дека овој сој ќе ни направи сериозни проблеми во наредниот период, со оглед на тоа што овој сој битно се разликува од оној првичен ковид-19. Ако се земе предвид дека тој е 60 до 70 проценти позаразен од алфа сојот и дека не треба дистанца од два метри, туку само блиц контакт за да се добие инфекција, тогаш работата е повеќе од сериозна – смета Олумчев.

Затоа, истакна доктор Олумчев, сметам дека мерките на олабавување, граѓаните погрешно ги сфатија.

-Тие мерки Владата ги ублажи не за да одиме масовно на одмор во земјава и странство, туку да ни помогнат да почнеме економски да функционираме и колку толку да се вратиме во некоја нормала, но, потенцира Олумчев, истовремено да продолжиме да ги почитуваме превентивните мерки, носење маски и држење дистанца.

И да имаме колективен имунитет и понатаму треба да ги почитуваме овие мерки.

Според Олумчев целокупната ситуација околу делта сојот, во идниот период ќе ја комплицира фактот што нареден таргет на овој сој ќе бидат децата до 14 години, за кои досега нема дизајнирано валидна вакцина, и кои ќе заболуваат наредните месеци.

На мислење сум, истакнува докторот, дека учениците треба да се вратат на физичка настава, и поради квалитетот на наставата, но и поради социјалното дружење. Но, треба да се подготвуваме и за втората варијанта, доколку делта сојот ја нападне училишната популација, треба да го одбереме пред сè здравјето.

Сè ќе зависи, заклучува Олумчев, од тоа каква ќе биде бројката на заразени во месец август, и ако таа нагло почнува да се зголемува јас предлагам почетокот на  училишната година да биде одложен барем за еден месец.

Во врска со зголемениот број на мали пациенти од предучилишна возраст на детското одделение во Општата болница во Гевгелија, а кај кои се јавува вирусна бронхопневмонија со лесна и потешка клиничка слика, доктор Олумчев  е загрижен.

-Нешто се случува што е непознаница и за нас, докторите. Грип не е, зошто не му е сезоната, респираторен вирус може да е, но вакви симптоми не кореспондираат со времето во кое се јавува. Затоа испративме материјали во Скопје на геномско секвенционирање, за да видиме дали се работи за делта сојот или за респираторен вирус – заклучува д-р Олумчев.

Вечер пресс