Вучиќ со критика до ЕУ: Србите, Албанците и Македонците не се ништо помалку паметни од Французите, Германците, Италијанците

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека, во околности кога Европската Унија нема јасна стратегија кон Западниот Балкан, регионалната иницијатива Отворен Балкан претставува голема прилика, надеж и обврска за трите држави сами да креираат подобра и поинаква иднина.

Во авторскиот текст за белградскиот весник Политика Вучиќ, по повод проектот на регионална соработка кој ги опфаќа Србија, Албанија и Македонија, истакна дека тоа е прв пат на Балканот да се придвижи нешто што е добро за целиот регион, оценувајќи дека договорите потпишани минатата недела во Скопје се „историски“ и дека „историски ќе бидат и нивните резултати“.

Македонија, Србија и Албанија потпишаа во четвртокот договори чија цел е да се олесни трговијата во регионот, да се создаде единствен пазар на трудот и меѓусебна помош во вонредни ситуации, а регионалната иницијатива, „претходно нарекувана „мини Шенген“, официјално е преименувана во Отворен Балкан.

Вучиќ заедно со македонскиот и албанскиот премиер Зоран Заев и Еди Рама потпиша три документи – за разбирање и соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоката на Западниот Балкан, меморандум за разбирање и соработка околу слободниот пристап на пазарот на труд и договор за соработка и заштита од катастрофи на Западниот Балкан.

„Европа нè сака онолку колку што е потребно да не правиме проблеми, често растргната од внатрешните разлики“, оцени Вучиќ во текстот, истакнувајќи дека во Брисел не постои „целосно јасна стратегија кон Западниот Балкан, но и за другите европски територии кои не припаѓаат на Унијата“.

Вучиќ, укажувајќи на целта и намерата на иницијативата Отворен Балкан, наведе дека основачите на ЕУ „знаеле дека можат да ја надминат тешката историја само ако почнат да се поврзуваат преку економијата“ и дека во тоа доживувале противења од сите страни, но успеале.

„Србите, Албанците и Македонците не се ништо помалку паметни и вредни од Французите, Германците и Италијанците и другите кои преку Заедницата за јаглен и челик тргнале во изградба на ЕУ“, истакна Вучиќ.

Тој додаде дека учесниците на оваа регионална иницијатива сакаат да влезат во Европа, но дека Балканот без економски бариери е нивна „насушна потреба