Полските антиваксери подметнуваат пожари во центрите за вакцинација

Полска денеска објави дека ќе ја зајакне безбедноста во центрите за вакцинација, еден ден откако противниците на вакцинацијата запалија два центри и една недела по немирите пред друг.

За жал, овие инциденти се повторуваат“, рече премиерот Матеуш Моравјецки за новинарите.

„Сите тие ќе бидат строго казнети, во согласност со сегашните закони, а ние, дополнително, ќе преземеме мерки за зајакнување на безбедноста на сите овие центри“, додаде тој.

Шефот на полицијата Јарослав Шимчик објасни дека сторителите денеска запалиле мобилна единица за вакцинација и канцеларијата на локалната епидемиолошка агенција во источниот полски град Замош.

Во двата пожари нема жртви.

Шимчик нагласи дека станува збор за „крајно шокантни инциденти“ и најави дека вработените во обезбедувањето ќе бидат присутни „дење и ноќе“ до центрите за вакцинација.

„За жал, сведоци сме на ескалација на бруталноста, дури и насилство, на групата против вакцини“, нагласи тој.

Владата ги охрабрува Полјаците да се вакцинираат, но темпото нагло забави. Бројни центри мораа да се затворат бидејќи немало интерес.

Речиси 50 проценти од населението во Полска е целосно вакцинирано.Според анкетите, речиси една четвртина се противат на вакцинацијата или се двоумат