Русите тврдат дека ја модифицирале вакцината Спутник V за употреба против делта сојот

Руските истражувачи објавија дека ја модифицирале нивната вакцина против коронавирусот Спутник V, која се користи на повеќе од една година, за употреба против делта сојот, пренесува Интерфакс.

„Вакцината која ја модифициравме е веќе во фрижидерите, но рано е да говориме за нејзината ефикасност“ изјави вчера Александар Гинзбург од Институтот Гамалеја.

И останатите производители на вакцини во светот работат на промените во своите вакцини, за да може да се поефикасни против заразната делта варијанта.

Русија засега разви вкупно четири вакцини против коронавирусот, а работи и на петта, тврдат руските власти.

Спутник V е одобрен во околу 70 земји, а пласиран е и се користи на меѓународниот пазар.

Рускиот министер за здравство Михаил Мурашко изјави дека ефикасноста на Спутник V изнесува 83% кај случаите со делта сојот.

Русија како и многу земји во светот, моментално се бори со делта варијантата. Во земјата се регистрираат околу 800 смртни случаи од Ковид-19 дневно.

Според официјалните податоци, во Русија се вакцинирани 41,5 милиони жители, или 28,4 % од целото население, од кои само 22,9 % се целосно вакцинирани.

ЕУ се уште работи на одобрување на Спутник V и повеќе пати ја критикуваше Русија бидејќи не дала доволно податоци со кои би се признала вакцината.