Австралија во карантин, додека 70% од населението не биде целосно вакцинирано

0
20

Австралија ќе го продолжи карантинот се додека најмалку 70% од населението не биде целосно вакцинирано, но потоа ќе мора да започне да живее со вирусот, рече денеска премиерот Скот Морисон.

Земјата постави рекорд со 914 случаи на коронавирус, што е најголем дневен број на новозаразени, додека јужните и источните држави Нов Јужен Велс, Викторија и главниот град Канбера останаа под строг карантин.

„Не можете да живеете во карантин засекогаш, мора да го промените тоа во одреден момент, и тоа се прави кога 70 проценти од населението е вакцинирано“, рече Морисон во телевизиско интервју.

Заклучувањето е клучен елемент во стратегијата на федералната влада за спречување на пандемијата на коронавирус, се додека  не се достигне ниво на вакцинација од 70 проценти, а границите постепено ќе се отвораат кога бројот на вакцинирани ќе се искачи на 80 проценти.