Бектеши: Ако сакате да одите по „кафиќи“ вакцинирајте се – на свадба на отворено само вакцинирани сватови

0
16

Ова им го порача на граѓаните – министерот за економија Крешник Бектеши по конфузијата која настана со новите мерки за заштита од Ковид 19 кои ги донесе Владата, а треба да почнат да важат од 16-ти август.

Според Бектеши мерките се однесуваат и на прославите на отворено.

Па така на свадба нема да смеат да присуствуваат ниту зетот и невестата, а ниту сватовите кои не се вакцинирани.

Сите ќе мора да покажат сертификат дека примиле барем една доза на вакцина.

Во летна бавча во кафеана ниту кафе нема да може да пие лице кое е невакцинирано.

“Од 16-ти август нема да има свадби, прослави, веселби на затворено. На отворено ќе биде дозволено. Како што се бара потврда, сертификат за вакцинација за сите угостителски објекти и за тие угостителски објекти кои што организираат свадби и прослави и таму гостите треба да покажат потврда за вакцинација за да може и надвор да одржуваат свадби и прослави. Секој граѓанин кој сака да посетува угостителски објекти треба да биде вакциниран” – појасни Бектеши.

Редарска служба на влез ќе мора да имаат само угостителските објекти со капацитет од над 30 гости.

На една маса ќе може да седат 4-ца гости и треба да се почитува мерката за дистанца. Од наредната недела ќе се заострат и контролите на инспекторите.За непочитување на оваа мерка граѓаните нема да бидат казнети, ќе се казнуваат угостителите.

Но, мерките кои ги донесе владата се нејасни дури и за нив.

Пазарните инспектори чекаат прво да се објават во Службен весник, па потоа да побараат дообјаснувања како да постапуваат.

“За да се седне во кафич тоа ќе треба да го допрецизираме. Онака како што во моментов го гледам значи дека е при организација на настани каде што има повеќе од 30 гости, присутни лица. Меѓутоа доколку тоа подрзабира дека и во кафетерии каде што има присутни повеќе од 30 лица, нормално дека и во тој случај ќе се бара сертификати. Значи овој дел ќе треба да го допрецизираме” – вели Анета Симеска Димова , директорка на ДПИ.

Казните за непочитување на протоколите завист од големината на фирмата – се движат од 2.500 до 30.000 евра.

Угостителите се затечени и реагираат за обврската да постават редари на влезот на објектите.

А веќе се води отворена војна на социјалните мрежи меѓу тие кои се „за“ и тие против вакцините за имунизација против Ковид.

Едните ги поддржуваат рестриктивните мерки, другите обвинуваат за кршење на човекови права.